Се зголеми бројката на отпуштени вработени во скопски „Комуналец“ кои не доаѓале на работа, а земале плата. Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска информираше дека засега 398 лица се отстранети од работните места. Тој вели дека ќе бара одговорност и од лицата кои што потпишувале за имплементација на таквите вработувања.
Ѓорѓиевски истакна дека на увид на јавноста ќе бидат ставени сите лица со име и презиме кои примале плата, а не доаѓале на работните места. Освен во „Комунална хигиена“, такви лица имало и во „Паркови и зеленило“, како и во другите јавни претпријатија, но не во толку голема бројка. Бркањата од работа се законски, дециден е градоначалникот.
-Имало и работни и раководители. Убеден сум дека ќе дојдеме до бројка од 500 луѓе. Таква бројка да земале плата се најмалку 5 милиони евра од граѓаните годишно. За четири години тоа се 20 милиони евра. Во превод тоа е Луна паркот кој што треба да го направиме, а го чекаат граѓаните. Тука нема да има прошка за никого, кажа Ѓорѓиевски во изјава за медиумите.
Градоначалникот информираше дека додека половина Скопје нема вода за пиење, во „Водовод и канализација“ има четири магацини со материјали. Вели дека некој тоа свесно и намерно го правел.
