Секоја година, гробари од целиот свет се собираат во Унгарија за да учествуваат во уникатно натпреварување – Меѓународно првенство во копање гробови.
Од 2016 година, освен во 2020 и 2021 година кога натпреварот беше откажан поради коронавирусот, Здружението на оператори на гробишта (MTFE) ги поканува заинтересираните да се соберат и да се натпреваруваат за титулата светски шампион.
Имаа сериозна задача
Осмото првенство се одржа на 6 септември на гробиштата Алсовар во Шекшард, а учесниците беа оценувани на скала од 10 поени, според брзината, естетиката и точноста.
Се натпреваруваа гробари од целиот свет и секако од земјата домаќин, објавува Телеграф.
Натпреварувачите работеа во парови и имаа задача да ископаат гроб со димензии од два метри, ширина од 80 сантиметри и длабочина од 1,6 метри, во рок од два часа. После тоа, ја вратија почвата во дупката за да создадат уреден гроб.
Иако звучи едноставно, брзината, прецизноста и естетиката се главните критериуми според кои се оценуваат натпреварувачите.
Трофеј во облик на лопата
Првото место го освои дуото од Унгарија, Ласло Киш и Роберт Наги – втора година по ред, со неверојатно време од 93 минути и 20 секунди.
„Победивме благодарение на рутината на нашата секојдневна работа, без никаква посебна обука“, рекоа победниците.
На првите тројца победници им беа доделени златни, сребрени и бронзени трофеи во облик на лопата, а имаа и навивачи кои постојано ги бодреа, објавува Oddity Central.
„Овој натпревар не е само професионален натпревар, туку и можност заинтересираните граѓани да се запознаат со професијата гробари. Учесниците демонстрираат не само физичка сила, туку и прецизност и ментално присуство“, рече претседателот на здружението MTFE, Јожеф Варга.