Ќерката на Џо Бајден се разведува по 13 години брак

by Тони Зографски

Ешли Бајден, ќерката на поранешниот американски претседател Џо Бајден и поранешната прва дама Џил Бајден, поднесе барање за развод од својот долгогодишен сопруг, пластичниот хирург Хауард Крајн, објави „Пипл“.

Како што пренесува „Филаделфија инквајер“, Ешли поднела документи за развод во понеделник, 11 август, во судот во Филаделфија. Таа и Крајн се венчаа на 2 јуни 2012 година, а тогашниот потпретседател Бајден за магазинот „Пипл“ изјави дека Крајн е „вистинскиот човек“ за неговата единствена ќерка.

Истовремено со поднесувањето на документите, таа објави фотографија од себе како шета низ парк и покажува „палец горе“, додека во позадина свирела песната „Freedom“ на Бијонсе. Исто така, сподели и цитат: „Нов живот, нови почетоци значат нови граници. Нови начини на постоење кои нема да изгледаат или звучат како претходно“, проследен со песната „Freedom Time“ на Лорин Хил.

Да потсетиме, Ешли Бајден и Хауард Крајн се запознаа во 2010 година преку нејзиниот полубрат Бо Бајден. Веридбата следуваше во октомври 2011 година, кога Крајн ѝ предложи брак за време на зајдисонце на карпа во Биг Сур, Калифорнија. Свадбата се одржа во католичката црква „Свети Јосиф“ во Гринвил, Делавер, со спојување на католичките традиции на невестата и еврејските на младоженецот. По церемонијата,околу 200 гости се собраа во семејната куќа на Бајден покрај езеро, каде што вечерата била сервирана во дворот.

останати вести

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com