Кога патувате на одмор или викенд во Грција на автопатиштата ретко ќе видите полиција која мери брзина, како што е тоа случај кај нас. Но, тоа не значи дека не постојат камери. Возачите се збунети од нелогичните ограничувања на брзината, додека државата си ја полни касата.
Во областа Атика, автопатот Атика го држи рекордот: повеќе од 15 фиксни радари на должина од само 70 километри, правејќи го патот со најмногу радари во цела Грција, но и со најефикасна сообраќајна полиција. Грчките медиуми сметаат дека ова е радарска офанзива на грчките автопати, каде владеехаос со ограничувањата на брзината.
На националниот пат Атина-Солун (ПАТЕ) теоретски, максималното ограничување на брзината е 130 км/ч. Но во пракса, патувајќи од Атина кон Солун, возачите постојано се соочуваат со промени: ограничување од 80 км/ч, потоа 100, па 90, 110 и повторно 80 км/ч, создавајќи вистински хаос без јасна логика. Некои тунели имаат ограничување од 100 км/ч, други 80 км/ч, иако патните услови не се разликуваат значително.
Повеќето возачи не ги почитуваат доследно ваквите постојани промени во ограничувањата, а прашањето е колку навистина сообраќајни несреќи на автопатот се должат на пречекорување на брзината? Многу малку, особено на брзини околу 130 км/ч.
И покрај тоа, нови радари постојано се поставуваат токму на вакви делови, наместо фокусот да биде ставен на поопасни патишта, како што се локалните патишта без разделна линија, каде што 90 км/ч навистина е премногу.
Неодамна биле поставени нови „невидливи“ дигитални радари на автопатот низ Магнезија. За само шест месеци (втората половина на 2023 година), тие регистрирале 780 прекршоци за пребрзо возење, што резултирало со казни во вкупен износ од 135.000 евра. Со други зборови, 780 возачи ќе придонесат со над 130.000 евра кон државниот буџет само преку една пилот-акција во една област.
Слични строги мерки се применуваат и на други патишта познати по прекршоците, како што е тунелот Артемисион кај Триполи, каде веднаш по излезот од свиокот возачите ги пречекува радар, со ограничување од 100 км/ч и постојано активирани светлосни предупредувања.
Извор: 24auto.mk