Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Оптималната функција на тироидната жлезда е сложен процес. Таа е главниот регуларот на метаболизмот на телото, влијае на производството на енергија, спиењето, варењето на храната, хормоните и многу други процеси.
Одговорна е за производство и складирање на тироидни хормони, влијае на секоја клетка во телото, одредува колку ефикасно телото произведува и користи енергија. Тироидните хормони делуваат како главен регулатор на метаболизмот на телото. Секоја клетка во телото се потпира на тироидните хормони за да го регулира својот метаболизам.
“Бавна” тироидна жлезда е знак на интелигентна адаптација за заштеда на енергијата. Кога производството на енергија се намалува, телото го префрла фокусот на основните функции за преживување. Несуштинските процеси, како одржување на цврста коса и нокти, се поддржани само кога има доволно енергија. Со овој високо софистициран заштитен механизам телото ја намалува потрошувачката на енергија кога ресурсите се ограничени. Се манифестира со:
– дигестивни проблеми
– пораст на телесната тежина
– намален капацитет за детоксикација
– инсулинска резистенција
– зголемен холестерол
– компромитиран имунолошки систем
– когнитивни промени
– промена на ендотелната функција
Симптомите варираат од особа до особа. Фактори како инфекција, болест, лош сон, стрес, влијаат на тоа како клетките реагираат на тироидните хормони. И со совршено “нормално” ниво
на хормони во крвта, може да постои нарушена метаболна функција на клеточно ниво. Зголемен холестерол често сигнализира неоптимална функција на тироидната жлезда.
Силен метаболизам значи:
– регуларно празнење на цревата
– здрав раст на косата, цврсти нокти
– добар сон
– здрава кожа
– добар апетит
– силно либидо
– стабилно расположение и ниво на енергија
Подобрување на метаболното здравје и враќање на функцијата на тироидната жлезда вклучува промени во исхраната и животниот стил.
Соодветен калориски внес е потребен за задоволување на енергетските потреби на телото и за поддршка на функцијата на тироидната жлезда. Без доволен калориски внес создавањето на енергија станува неефикасно.
Тироидните хормони се потпираат на доволен внес на аминокиселини, минерали (селен, јод, цинк), витамини за ефикасно функционирање.
Јаглехидратите се клучни за производство на енергија и активност на тироидните хормони. Кога внесот на јаглехидрати не е доволен, телото тоа го доживува како гладување, се јавуваат заштитните механизми, се намалува функцијата на жлездата за да се заштеди енергија.
Фактори кои го пореметуваат производство на енергија и функцијата на тироидната жлезда:
– хроничниот стрес го зголемува производството на кортизол кој ги блокира клеточните ефекти на тироидните хормони
– вишокот на естроген го намалува нивото на биолошки активен хормон
– работата на цревата – дел од претварањето на тироидните хормони се случува во цревата. Избегнувајте тешко сварлива храна, конзерванси, адитиви и ендотоксини.
– некои лекови негативно влијаат
Рестриктивните диети, избегнување на јаглехидрати или често постење може да имаат долгорочни последици.
За поддршка на здравјето на тиропидната жлезда и метаболизмот фокусирајте се на:
– адекватен внес на калории и јаглехидрати
– избалансирани извори на протеини
– внес на колаген, супа од коски, желатин прашок
– ограничен внес на фитоестрогени, намалување на изложеност на надворешни токсини кои прават ендокрина дисрупција
– јадете на 3-6 часа за да се обезбеди стабилно ниво на енергија
– бидете активни, пешачете, вежбајте