Британец го живеел целиот свој живот без да сфати дека има три пениси.
78-годишниот Британец го донирал своето тело на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Бирмингем, каде што студентите откриле „извонредна анатомска варијација“ додека го сецирале. Половиот орган на мажот однадвор изгледал нормален, но дополнителното испитување покажало дека тој имал „наредени“ два други мали пениса во препоните.
Лекарите го опишале своето „неверојатно откритие“ во труд доставен до Journal of Medical Case Reports. Според извештајот, мажот имал трифалија, „ретка вродена аномалија која опишува присуство на три различни пениси“. Да се раѓаш со повеќе од еден пенис, познато како полифалија, е исклучително ретко – нагласуваат истражувачите. Она што го прави неговиот случај необичен е фактот дека пенисите биле „скриени во внатрешноста на скроталната кеса“, па неговите гениталии однадвор изгледале нормално. Ова веројатно објаснува зошто трифалијата на мажот била забележана дури по неговата смрт.
Според локалната политика, идентитетот на луѓето кои ги донирале нивните тела и нивната медицинска историја не може да им се открие на истражувачите. Како резултат на тоа, знаењето за медицинската историја на пациентот е доста ограничено. Човекот бил белец, во доцните седумдесетти години, висок 182 см. Постои можност мажот да доживеал инфекции на уринарниот тракт, еректилна дисфункција или проблеми со плодноста во текот на неговиот живот, забележуваат авторите на извештајот.
Еден од дополнителните пениси ја дели и уретрата, цевката што ја транспортира урината од телото, со примарниот пенис.
– Генетските абнормалности кои влијаат на експресијата на андрогенските рецептори може да предизвикаат морфолошки абнормалности на гениталиите. Во овој случај, можеби имало тројно зголемување на туберкулата на гениталиите. Уретрата првично се развила во секундарниот пенис, но кога овој пенис не успеал да се развие, уретрата го пренасочила својот тек и се развила во примарниот пенис, се вели во извештајот.
Дополнителните гениталии кај луѓето со полифалија обично се нефункционални и помали и често се отстрануваат ако се формираат надворешно.
Полифалијата всушност може да биде многу почеста отколку што се претпоставува. Дијагностицирањето на состојбата може да биде особено важно во клинички услови, на пример кога на пациентот му треба вметнување катетер или е потребна операција. Повеќето случаи на полифалија се очигледни при раѓањето, поради присуството на надворешни дополнителни пениси или има очигледни симптоми како сексуална дисфункција и уринарна инконтиненција во зрелоста, пишува TheSun.