По речиси четири децении на модните писти, поранешната прва дама на Франција, 56-годишната манекенка и музичарка Карла Бруни, доби крилја
Бруни прошета по пистата на модното шоу на „Викторија сикрет“ во она што беше нејзино прво и „веројатно последно“ појавување во култната долна облека, се пошегува таа во интервју за„Пејџ сикс“ (Page Six).
„На мои години?! Тоа е многу возбудливо, но и многу неодоливо, навистина. Затоа што, знаете, никој никогаш не се навикнува да биде на модната писта без разлика колку долго го правите тоа“, изјави Бруни за „Пејџ сикс“.
Италијанско-француската убавица почна да се занимава со манекенство во 1987 година, кога имаше само 19 години, а со текот на годините работеше со врвни модни куќи како „Шанел“, „Версаче“, „Диор“, „Живанши“ и „Сен Лоран“. Сепак, имало нешто посебно во поканата на „Викторија сикрет“, вели таа.
„Забавно е да се стане ангел. Ќе добијам крилја!“, рече таа пред модната ревија, а потоа додаде: „Единствено жалам што мојот сопруг не е тука. Би доживеал срцев удар!“, мислејќи на поранешниот француски претседател Никола Саркози.
Иако моделите на „Викторија сикрет“ некогаш беа познати по интензивните режими на исхрана и вежбање пред ревиите, Бруни рече дека не ги променила многу своите навики за време на подготовките за модните писти.
„На 56 години… мора да имате многу потрезен живот. Не пијам многу – можеби еднаш месечно. Најважните работи се добриот сон и многу вежбање“, додала таа.
Иако сè помалку е на модните писти, таа признава дека нејзиниот омилен „ритуал“ пред секое шоу е поминувањето време со нејзините колешки модели зад сцената.
„Да се биде со тим е прекрасно, разговараме, се смееме. Тоа е убавата страна на модата: тоа е групна работа“, заклучи таа.