Јелена Буча, членка на групата „Фрајле“, ја сподели својата приказна за обидот за сексуален напад што го преживеала во новиот филм „Уметноста на исповедта“.
Јелена пред 20 години доживеала напад во Нови Сад, а години подоцна откри како нашла храброст и сила да се соочи со оваа траума.
„Дваесет години ми требаа за да зборувам на оваа тема, откога се случи овој немил настан, а се случи на мојот роденден. Се враќав од куќата на пријател и во најсветлата улица во Нови Сад во два часот по полноќ, случаен минувач ме зграпчи и ме турна во грмушките. Тоа беа секунди. Тој се обиде да ме нападне, но бидејќи јас се борев тој проба да ме дави. Значи тоа беше обид за силување и убиство. Вриснав со целата сила што ја имав и успеав да се оттргнам, а тој ми рече дека ќе ме најде и ќе ме убие. Не знаев дали ме познава и со години живеев во страв“, изјави Јелена Буча за ТВ Прва.
Пејачката истакна дека овој настан имал последици по неа, а и биле потребни дваесет години да ѝ ја раскаже оваа приказна на нејзината мајка.
„Таа приказна ѝ ја кажав на мајка ми пред само еден месец. Тогаш можете да замислите колку се тешки овие теми, но мислам дека како јавна личност треба да зборувам за тоа“, изјави Јелена Буча.
Буча им порача на сите кои имале слични искуства да најдат помош во психотерапијата.
“Сакам да им кажам на сите кои имале слични искуства, дека психотерапијата е исклучително корисна. Мора да побарате помош, јас отидов на психотерапија после тоа. Тогаш се откажав од музиката, но гласот ме спаси на крајот, врескањето ме спаси од тој напад и брзо се вратив на музиката“, истакна таа.
На оваа тема таа сега проговори во филмот „Уметноста на исповедта“ за кој доби награда и истакна дека ѝ било многу тешко да зборува за траумата.
„Не бев подготвена за камерите кога решив да ја раскажам оваа приказна. Тоа не ми беше важно, но мило ми е што ја преминав границата на сите тие емоции за да им помогнам на другите луѓе. Сакав камерата да ги сними сите емоции и да покаже сè како што било, а тоа е многу тешко“, рече Буча.
На самиот ден кога била нападната, години подоцна добила награда токму за овој филм.
„Тоа е знак дека сум на вистинскиот пат“, рече таа.
Добитник е и на холивудската награда за најдобар психолошки краток филм.
“Јас и мојот тим сме горди. Филмот е признат низ целиот свет и се најде во главните селекции на големите светски фестивали. Многу ни е драго што филм од Србија добива такво признание, особено на ваква тема”, изјави Јелена Буча.