Тврдењето дека модата е циклична, па дури и кога станува збор за венчаниците најдобро го покажува неодамнешниот пример на холивудската актерка Брук Шилдс и нејзината осумнаесет годишна ќерка. Имено оваа млада убавица, во јуни заврши средно училиште, а на големата матура се појави во венчаницата на нејзината мајка од 1997 година
„Нејзиниот матурски фустан, беше мојата прва венчаница“, откри Брук Шилдс во најновото интервју за „People“.
Гријер, ќерката на Брук, вели дека било потребно да се направат мали корекции на венчаницата за таа да изгледа помодерно и поатрактивно. „Моравме малку да го прекроивме и корсетираме фустанот, за да биде поцврст и поелегантен. Ја отстранивме и поставата, бидејќи не сакав долниот дел да биде премногу широк“, објасни Гријер.
„Ги тргнавме и прерамките од фустанот, изгледаше прекрасно во него. Особена ми е чест тоа што моите деца сакаат да ја носат мојата облека. Вообичаено не мислат дека сум „кул“, додаде Брук.
„Искрено можат да носат кое било парче од мојата облека, само за да му дадат втор живот – ја чувате облеката и на крајот се прашувате зошто го правите тоа. Дали ќе има некоја голема аукција за нив? Се сомневам во тоа, освен кога се работи за култни парчиња. Така што чувството е навистина убаво кога ќе им дадете нов живот на старите парчиња облека“, вели Шилдс.
Гријер своето матурско издание го комплетираше со винтиџ рачен часовник, бели салонки, обетки како и ланче со бисери. Гријер со свој избор на облека направи полн погодок, изгледаше гламурозно а сепак нежно и приспособено на нејзините години.
Сепак нејзината одлука да ја носи венчаницата на мајка ѝ малку ги зачуди корисниците на социјалните мрежи. Имено, Брук оваа венчаница ја носеше во 1997 година кога се омажи за нејзиниот прв сопруг Андре Агаси, којшто не е таткото на Гријер. Тие двајца се разведоа само две години по венчавката, а во 2001 година, Брук се омажи со Крис Хенчи, со којшто е сè уште во брак, и тој е таткото на Гријер и нејзината постара сестра Рован.
Актерката не гледа ништо лошо во потегот на ќерка ѝ, и со ова покажа дека и покрај бурниот однос којшто го имаа не постои „зла крв“ помеѓу неа и бившиот сопруг. „Тој е добар човек, така што ова навистина беше еден голем момент на заокружување на сè. Ова му одаде почит на нешто и мислам дека тоа е здраво“, коментираше Шилдс.
Интересен е фактот дека и постарата ќерка на Брук Шилдс, Рован, исто така носеше стар фустан на мајка ѝ за нејзината матура. Рован во 2021 година, го носеше црвениот фустан со потпис на дизајнерот Ричард Тајлер, којшто Брук го носела во 1998 година на доделувањето на Златниот глобус.