Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Алергија на храна е имунолошки одговор на одреден протеин во храната. Имунолошкиот систем “претерува” во својата мисија на контрола отфрлајќи ги супстанциите кои инаку не би биле проблем.
Имунолошкиот систем произведува антитела кои одредената материја ја опкружуваат, неутрализираат, уништуваат и елиминираат. Клетките ослободуваат различни хемикалии кои предизвикуваат алергиски симптоми.
Алергиите кои може веднаш да бидат опасни по живот, анафилакса, се манифестираат во рок од неколку минути по јадење на предизвикувачката храна. Другата патека може да потрае подолго, неколку часа и подолго, за да дејствува.
Симптомите почнуваат во рок од 5-30 минути, некогаш и до еден час, по внес на алергенот:
– црвен осип на кожата, уртикарија, оток, чешање
– оток на грло, нос
– отежнато дишење, кивање, проблеми со голтање
– дијареа, гадење, гасови, подуеност
– црвенило, солзење или чешање на очите
– трпки во раце и нозе
– силно намалување на крвниот притисок и шок (анафилактичен шок)
– губиток на свест
Алергија имаат и деца и возрасни. Со тек на време алергиите во детската возраст може да се надминат. Други алегии имаат тенденција да опстојуваат во зрелоста, на кикиритки, јадки, риби и школки.
Секоја храна може да предизвика алергиски одговор. Предизвикувачите на алергија варираат од еден до друг географски регион.
Во 90% предизвикувачи се:
– млеко
– јадки
– јајца
– кикиритки
– риба
– пченица
– школки, ракови, морски плодови
– соја
Во одредени земји алергени се и целер, сенф, чили пипер, домат, банана, манго.
Алергиска реакција предизвикуваат и прехрамбени адитиви, конзерванси, вештачки засладувачи, бои.
Најсигурен тест за алергија на храна е предизвикот за орално внесена храна под строг лекарски надзор.
Со елиминационата диета се отстранува од исхраната еден по еден продукт за кој се сомневаме. Потоа продуктот полека се враќа во исхраната.
Причини за пораст на алергии на храна последниве години:
– “хигиенска хипотеза” – растењето во сé почисти и “антибактериски” средини го заматува имунолошкиот систем кој не сфаќа што е штетно, а што не. Изложеноста на животната средина и различно бактериско искуство рано во животот носи намален ризик од алергиска сензибилизација.
– валканото детство (во разумни граници) создава помалку возрасни склони кон алергија – раната и продолжена изложеност на различни микробиоми помага за здрав имунолошки систем
– дефицит на влакна, не се произведуваат масни киселини неопходни за имунолошката хомеостаза во цревата
– нездравата и брза храна го оштетува микробиомот, се нарушува цревната мукозна бариера, токсините и алергените доаѓаат во контакт со ткивата
– отрови од животната околината, хемиски адитиви, конзерванси, бои, пластика, пестициди, антибиотици
– влијание од раното детство, раѓање со царски рез, прерано воведување на цврста храна, рана изложеност на антибиотици
Ако имате алергија на храна
– најважно е избегнување храна на која сте алергични
– читајте ги етикетите на пакуванта храна која е преполна со алергени
– внимавајте во ресторан
– имајте лекови при рака
– јадете повеќе влакна, цела храна
– изберете алтернативи.