Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Крв во урината (хематурија) е еден од најчестите наоди во урината. Честота на јавување широко варира, асимптоматската хематурија се јавува во 1-15%. Во амбуланта (+) реакција на дипстик е прв знак за хематурија. Крв во урината секогаш е алармантен знак и води пациентот брзо да се јави на доктор. Може да е од било кој дел на уринарниот тракт и може да е знак за сериозна болест.
Микроскопска хематурија се наоѓа случајно, при рутински преглед на урината.
Макроскопска (јасна, видлива) хематурија може да резултира и од само 1мл крв во 1л урина и затоа бојата на урината не рефлектира колку крв се губи.Нормално околу 1 милион Ер поминуваат во урината за еден ден што води до наод на 1-3 Ер на видно поле при преглед на урината.
Состојби и субстанци кои водат до црвена уринаː цвекло, боровинки; лекови – рифампин, нитрофурантоин, метилдопа, сулфонамиди, метронидазол, кинин.
Гломеруларната хематуријата потекнува од нефронот (основна единица во бубрегот за прочистување на крвта). Оштетена е гломеруларната базална мембрана (ГБМ), филтрационата бариера која пропушта Ер поради инфламација или имунолошки процес.
Кај екстрагломеруларната хематурија зафатен е уроепителиумот со иритација, инфламација, инвазија (малигнитет), каменчиња, траума, инфекција, лекови, цисти, инфаркција.
Кај возрасни (над 50г.) хематуријата често е знак на малигнитет на генитоуринарниот тракт – тумори на бубрег, на бешика, на простата. Дури и транзиторна хематурија носи голем ризик дека се работи за канцер и бара понатамошно иследување.
Хематуријата може да бидеː
- видлива, јасна, макроскопска (розева, црвена, темна како пиво или чај или кока кола) или микроскопска
- асимптоматска или симптоматска
- транзиторна или перзистенстна, постојана
- изолирана или асоцирана со други промени во урината (протеинурија).
Причини за гломеруларна хематурија сеː
о гломерулопатии, Алпорт синдром, ИгА нефропатија, Хемолитичко-уремичен синдром, Постинфективен ГН
о Лупус нефритис, Хенох-Шонлеин пурпура
Причини за негломеруларна хематурија сеː
о температура
о интензивно вежбање
о менструација
о страни тела
о инфекции на уринарниот тракт
о хиперкалцурија/уретеролитијаза
о Sickle cel болест
о коагулопатија
о тумори
о лекови/токсини
о анатомски абнормалности (хидронефроза, АПББ, васкуларни абнормалности)
о хиперурикозурија.
Хематуријата е знак – не е болест сама по себе и терапијата е насочена кон причината.
Треба да се идентификува гломеруларна од негломеруларна хематурија. Тоа ќе помогне да се избегнат непотребни испитувања.
Треба да се иследи секоја јасна хематурија иако нема симптоми.
Прогнозата зависи од причината, дали е откриена на време и како се третира.
Ризик фактори за појава на хематурија сеː пушење (канцер на бешика), хемикалии (бензени, ароматични амини), возраст над 40г., фамилијарна историја, инфекција, злоупотреба на аналгетици, аспирин, НСАИЛ, антибиотици; зрачење во мала карлица, мажи над 50г., напорно вежбање.
Во 25% случаи се работи за инфекција на уринарниот тракт, а во 20% случаи се каменчиња.