Зоран Михајлов
Во новинарската кариера имам доживеано многу работи, некои остануваат во убаво, а други во понеубаво сеќавање. Едно од овие вторите беше и патувањето со кошаркарската репрезентација на нашата земја , пред повеќе од 20 години во Португалија. Откако на терен ја завршија работата и го совладаа домаќинот во квалификациски натпревар за ЕП во Франција 1999 година, се случи нешто што ми се чини е карактеристично само за нашите спортисти. Но, да не должам еве ја целата приказна:
Невољите за ова патување почнаа уште пред заминувањето. Цел ден играчите предводени од тогашниот капитен и познат интернационалец Петар Наумоски се убедуваа со тогашниот претседател Зоран Темелковски-Меги дека треба да бидат осигурани кога играат за репрезенрацијата. Тоа не е спорно и така треба да биде зошто многумина од нив, посебно Наумоски, имаа трансфери за големи пари и затоа сакаа да се обезбедат доколку дојде до некоја посериозна повреда. Кога за ова натегање беше загубен целиот ден и наместо во 10 наутро заминавме во 10 навечер за Солун, откаде со авион требаше да продолжиме за Португалија. Кога пристигнавме во Солун веќе беше утро и остануваше малку време до полетување на авионот за Лисабон. Во хотелот отидовме само да се освежиме и веднаш кон аеродромот.
По пристигнувањето во Лисабон следеше трансфер до местото на одигрувањето на мечот.Тренерите Докузовски и Андоновски кои го заменија Лечиќ кој ден пред патувањето се разболе, вечерта го одржаа тренингот колку како што се вели- кошаркарите да го „почувствуваат“ паркетот. Атмосферата беше ведра, сите оптимистички распожложени го очекуваа мечот. По него бевме уште повесели, бидејќи беше извојувана значајна победа од 64-87. Ништо не навестуваше дека ќе се случи нешто,што ќе биде запишано како единствен случај во аналите на македонскиот можеби и светскиот спорт!
Утредента слегувам долу во ресторанот,кога таму – само Драган Радосављевиќ,кој беше официјален водач на тимог и тренерите Андоновски и Докузовски. Од играчите ни трага ни глас. Веднаш ми стана нешто сомнително. Кога ги прашав каде се играчите, одвај одговорија дека си заминале.
Како? Зарем е можно? Зошто? безброј прашања на кои не добив одговор.
Подоцна се ми стана јасно. Испратив извешптај за тв-весникот на МТВ во кој ја опишав ситуацијата онаква каква што беше, нормално ја искритикував постапката на кошаркарите. Мислам дека тоа беше во ред, но за некои ,како на пример за новинарката на тогашен „Екран“ Јасминка Јанева која беше „непријателски“ настроена кон мене, тоа беше нормално и ме „искара“ зошто сум ги критикувал кошаркарите за тоа што го сториле. Се изненадив,зашто одобруваше една ваква неспортска постапка! Но, не и забележав ја оставив да си живее со тоа уверување дека таа е во право. Јас и во следните денови продолжив со острите критики кон играчите и кон она што беше преседан, особено кога се работеше за репрезентативниот спорт. Но, такво беше тоа време, лудо, недефинирано, време кога владееше голема борба за претседателските позиции во спортските сојузи, сега федерации. Да потсетам, тоа беше времето кога Меги требаше да падне а Орце Камчев да седне во претседателската фотелја. Подоцна, откако Камчев виде дека и таа позиција е тешка и бара ангажирање и обезбедување пари, ја напушти за да дојде Гајдаџиев. И така подоцна доаѓаа нови претседатели, се до денешниот- истиот тој Пеце Наумоски, тогашниот капитен на националниот тим. Е сега се прашувам како би се чувствувал тој да му се случи истото?! Сигурно би му било непријатно. Но, верувам дека тоа не само во кошарката, туку во ниту еден спорт нема да се случи. Тоа беше преседан типичен наш, со „македонски“ шмек.