Тригодишно тешкоподвижно девојче болно од церебрална парализа било дискриминирано во една од најпосетените игротеки во Скопје, од вработена која не дозволила мајката да остане да го држи додека седи меѓу играчките и останатите разиграни деца, утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).
Иако таткото се најавил претходно по телефон и добил дозвола од друга вработена мајката да го внесе болното девојче и да остане со него внатре, кога дошле во игротеката, претпоставената ја избркала мајката. Немоќното дете се вознемирило и почнало да плаче, родителите си го земале, си заминале и случајот го пријавиле во КСЗД.
“Се утврдува директна дискриминација врз основа на ментална и телесна попреченост во областа на пристап до добра и услуги од страна на посочената игротека од Скопје“, стои во одлуката на КСЗД.
Родителот во претставката навел дека претходно ги прочитал условите на игротеката и видел дека не е дозволено родители да влегуваат во просторот кој е наменет за анимација на децата, по што се јавил, објаснил за какво дете се работи, а од игротеката му кажале дека нема да претставува никаков проблем со девојчето да седи и мајката.
Комисијата донела препорака игротеката да ја отстрани дискриминацијата на начин што ќе им овозможи непречен пристап на лицата со попреченост во услугите и добрата што ги нуди, а ако не го стори тоа, ќе биде пријавена пред надлежен суд.