Американка мора да одговара пред суд во Флорида за чуден случај на убиство.
Обвинението вели дека го ставила своето момче во куфер и го оставила таму да умре. На рочиштето одржано во петокот, судењето, четири години по апсењето, е закажано за октомври.
Сара Бун (46) на судското рочиште се изјаснила за невина. Во текот на истрагата, таа сведочела дека таа и нејзиното момче си играле криенка во заедничкиот стан, пишува ABC news.
Тогаш дошле до идеја дека би било смешно доколку Хорхе Торес (42) се сокрие во куфер. Двајцата пиеле. Сара тогаш решила да легне да спие. Таа верувала, според извештајот од апсењето, дека Хорхе може да се ослободи од куферот.
Кога се разбудила следното утро, не го нашла своето момче како лежи до неа. Дури тогаш се сетила дека тој е во куферот, како што пренесува агенцијата АП. Кога го отворила патентот од куферот, тој бил во несвест.
Инспекторите подоцна пронашле снимка на нејзиниот мобилен телефон на која се гледа куфер со Хорхе внатре и маж кој вреска дека не може да дише во куферот. Тој ја пцуе својата партнерка.
Од друга страна, Сара се слуша како вели: „Да, тоа се случува кога ќе ме задавиш. Така се чувствувам кога ме изневеруваш“.
Според полициските досиеја, Хорхе бил апсен четири пати поради наводен напад врз Сара.
Според обдукцијата, жртвата имала гребаници на грбот и вратот, расекотина на лицето и набиеници на рамото, черепот и челото.
Случајот се случил во февруари 2020 година. Следниот судски датум е закажан за октомври годинава. Од нејзиното апсење, Сара Бун има неколку адвокати, што го одложува судењето.