Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Болестите на тироидната жлезда се меѓу најзастапените ендокрини пореметувања. Tироидната жлезда игра витална улога во регулирањето на метаболизмот, виталните функции, растот и развојот. Тироидните хормони комуницираат со другите хормони, инсулин, кортизол и половите хормони. Нарушувањата често остануваат недијагностицирани поради суптилните симптоми или нивното погрешното толкување.
Главната улога на тироидните хормони е да им дозволи на клетките да ја претворат гликозата во енергија. Ниската функција на жлездата е состојба на нарушен проток на енергија на сите нивоа на животот, има последици врз физичката и менталната благосостојба. Кога хормоните се неурамнотежени, сериозни проблеми може да се јават: фибромијалгија, синдром на нервозно дебело црево, егзема, заболување на непцата, автоимуни нарушувања.
Причини: фактори на животниот стил, стрес, лоша исхрана, диети со малку јаглехидрати, алергени, инфекции, несоодветна изложеност на светлина, изложеност на хемикалии/токсини кои го нарушуваат ендокриниот систем.
Хипотироидизам, намалена функција на жлездата, е ефект на неефикасна оксидација на гликоза што води до воспаление, инсулинска резистенција, акумулација на холестерол, калцификација на меките ткива и „целосна неспособност да се спротивстави на стресот“.
Жлездата не продуцира доволно хормони. Знаците и симптомите се јавуваат полека, постепено, варираат во зависност од тежината на недостаток на хормоните.
Причини за хипотироидизам: Хашимото тироидитис (автоимуна болест, најчеста причина), преголем одговор на терапија за хипертироидизам, операција на жлездата, зрачење на канцер на врат или глава, лекови (литиум).
Во раните стадиуми може да нема забележливи симптоми. Како метаболизмот се успорува, се зголемува тежината, не може да се ослаби, постојан замор (ниска енергија), студ/пореметена терморегулација, болки во мускули и зглобови, кршливи коса и нокти, бледа и сува кожа, опаѓање на косата, надуено лице, срцева болест, опстипација (забавена цревна перисталтика), високо ниво на холестерол, депресија, успорување на менталното функционирање, периферна невропатија, гуша, микседем (животно загрозувача состојба).
Хипертироидизам, зголемена концентрација на хормоните, е состојба на забрзан метаболизам.
Причини: автоимуната Гравесова болест (кај жени, од 20 до 40 години), хиперфункционален јазол/токсичен аденом, полинодозна токсична струма, претераното внесување хормони,
акутен/гноен тироидитис (бактериска инфекција), субакутен тироидитис (вирусна инфекција), постпородилен тироидитис.
Симптоми: гушавост, нервоза, промени на расположението, неподнесување топлина, прекумерно потење, тресење на рацете, срцебиење, брзо заморување, отежнато дишење, брзо губење на тежината и покрај добриот апетит, проливи, влажна и топла кожа, егзофталмус (испапченост на очите).
Совети за заштита на тироидната жлезда
– исхрана со цела или минимално обработена храна со доволно протеини и здрави јаглехидрати
– оптимален внес на селен и цинк, магнезиум, витамини
– избегнување на рафиниран шеќер, работи кои ги зголемуваат кортизолот и естрогенот
– оптимизирање на синтезата на жолчните киселини
Гоитрогените се компоненти во одредени храни кои може да ја нарушат функцијата на тироидната жлезда:
– соја и нејзини продукти – зеленчуци: зелка, брокули, прокељ, карфиол, спанаќ – овошје: јагоди, праски – сладок компир – јатки и семиња: кикирики, просо
Сепак, потребни се доста големи концентрации од гоитрогените за да се покажат несакани ефекти! Готвењето на храната со гоитрогени, значително ги деактивира. Исклучок е просото кое може да биде штетно и во помали количества.