Министерот за здравство на Грција, Адонис Георгиадис, коментирајќи ги изјавите на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова и идниот мандатар на македонската влада Христијан Мицкоски, рекол дека Грција ќе го направи она што е предвидено доколку Договорот од Преспа е прекршен.
Според него, „нема сомнеж дека доколку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ стане премиер и продолжи со ваквите изјави, Мицотакис ќе го поништи Договорот од Преспа“.
-Според член 19, тоа е предвидено доколку има прекршување. Доколку владата на Северна Македонија го прекрши Договорот, Владата на Грција ќе го направи тоа што е предвидено, кажал Георгиадис во изјава за грчките медиуми.
-СИРИЗА не го постави условот Северна Македонија да го напушти НАТО доколку го прекрши Договорот – тоа беше поради САД. Тоа е лош договор. Процесот на раскинување на договорот е тежок, додал тамошниот министер за здравство.
Мицкоски цврсто стои на употребата на „Македонија“ за уставното име на државата, повторувајќи го ставот на претседателката Силјановска. И покрај тензиите околу Договорот од Преспа со Грција, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се залага за меѓусебна соработка и економски врски.