Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Сите хранливи материи се важни, но одредени хранливи материи се сметаат за поважни за здравјето на мажите особено во однос на некои специфични барања за внес на протеини, витамини и минерали.
Омега-3 е есенцијална масна киселина важна за здравјето на мозокот, срцето, кожата, хормоните, намалување на воспалението. Кај мажите влијае на намалување на ризикот од кардиоваскуларни болести. Не се создава во телото. Се внесува со лосос, скуша, сардини, харинга, пастрмка, ореви, ленено семе, чиа семе.
Витамин Д – во телото делува и како хормон. Важен е за здравјето на коските, мускулите, имунолошкиот систем, расположението, енергијата, кардиоваскуларниот систем. Поврзан е со производството на тестостерон и здравјето на спермата.
Најдобро се добива со изложување на сонце, 10-20 мин. на ден. Во зимските месеци може да се земе како додаток. Природно е присутен во многу малку намирници и затоа е една од клучните хранливи материи кои треба да со обезбедат од додатоци во исхраната. Да се јаде: жолчка од јајце, масна риба, печурки, иако е тешко да се добие потребната дневна доза само од храната.
Цинк – еден од клучните минерали кој поддржува производство на тестостерон и сперма. Во високи концентрации го има во простатата и спермата. Важен е за функцијата на имунолошкиот систем. Го има во морски плодови, риба, помалку во црвено месо, живина, јадки и семки, осбено индиски ореви, грав, леќа. Прекумерен внес може да има негативни ефекти врз телото.
Магнезиум – вклучен во многу процеси во телото: синтеза на протеини, мускулна и нервна функција, важен за крвниот притисок, намалува ризик од кардиоваскуларни настани, намалува воспаление, се бори со депресијата, превенира мигрена. Поддржува производство на тестостерон. Го има во растителната храна: темно зелен лиснат зеленчук, спанаќ, кељ, цели зрна, јадки, авокадо, грав, леќа, наут, какао, темно чоколадо. Препорачана доза за возрасен маж е 400мг на ден.
Витамин Ц – важен за имунолошкиот систем, здравјето на спермата, подвижноста на сперматозоидите, производство на колаген, има антиоксидантни својства. Телото не може да создаде витамин Ц. Го има во цитрусни овошја, агруми, бобинки, црвена пиперка, брокули, домати. Поефективно е да се дополнува во помали дози во текот на денот, а не една голема доза.
Витамини Б – Б6, Б12 и Б9 (фолати) неопходни се за производство на енергија, црвени крвни зрнца, поправка на ДНК, функција на нервниот систем, растот на косата, плодноста кај мажите. Витамин Б6 игра клучна улога во синтеза на тестостерон. Ги има во цели зрна, мешунки, месо, јајца, темно зелен лиснат зеленчук.
Витамин А – есенцијален за имунитетот, за здрави очи, корисен за здравјето на коските кај мажите. Во преголеми дози е штетен.
Селен – минерал кој делува како антиоксиданс, го поддржува имунолошкиот систем, важен за тироидната жлезда. Бразилски ореви, морски плодови, месо, интегрални житарки.
Калциум – клучен за здрави нерви, коски и мускули.
Витамините Б3 (ниацин), Б9 (фолна киселина), Д и Ц се поврзуваат со сексуалното здравје на мажите.
За здравјето на простатата се смета корисна српестата палма, рузмарин, корен од коприва, ликопен, бета-ситостерол, масло од семки од тиква.