Актерот Џуд Ло веќе долга низа години е познат како еден од најубавите актери на светот, а освен по успешната актерска кариера, познат е и по бурниот љубовен живот.
Миленикот на жените, има 7 деца со 4 различни жени, а среќата ја пронашол покрај сопругата Филипа Коан, која е 14 години помлада од него и со која е во брак од 2019 година.
Меѓутоа, пред да ја пронајде љубовта со Филипа, актерот бил познат како сериски прељубник.
Имено, од 1997 до 2003 година, британскиот убавец бил во брак со Сејди Фрост, актерка која ја запознал на снимањето на филмот „Shopping. Заедно добиле 3 деца, а бракот завршил неславно поради аферата на актерот со Сиена Милер.
Милер и Ло се вериле само неколку месеци по запознавањето, но сето тоа пропаднало кога тој ја признал аферата со дадилката на своите деца. Ло тогаш издал соопштение до јавноста во кое се извинил на својата вереница, но таа не му простила. Тој љубовен бродолом сепак не го спречил актерот да побара утеха во прегратките на друга убавица, па во 2008 година станал татко по четврти пат.
Неговата кратка врска со манекенката Саманта Бурк резултирала со раѓање на неговата втора ќерка на Ло, а во 2015 година ја добил и третата ќерка. Така, во 2015 година, тој го дочекал своето петто дете со Кетрин Хардинг и на тој начин станал татко на три девојчиња и две момчиња.
Ло сега својот приватен живот го држи подалеку од очите на јавноста, а со сопругата Филипа има две деца. Парот моментално ужива во семејниот живот, а сите се надеваат дека нивната љубов ќе потрае.