Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Промените и симптомите кои мажите ги доживуваат додека стареат се без јасни граници.
“Машката менопауза” (андропауза) е термин кој погрешно се користи затоа што сугерира дека симптомите се поради ненадеен пад на тестостеронот во средната возраст. Тестостеронот почнува постепено да се намалува кога мажот ќе наполни 30 години, опаѓа околу 1% годишно и малку е веројатно дека овој пад предизвикува проблеми сам по себе.
Симптомите, физички и емоционални, се јавуваат бавно и суптилно во доцните 40-ти и раните 50-ти и влијаат на секојдневниот живот и чувството за среќа:
– моменти на жештина, потење
– нерасположение, раздразливост
– намалена енергија и ентузијазам, депресија, замор
– прераспределба на масното ткиво, голем стомак, машки гради
– губење на мускулна маса, намалена способност за вежбање
– губиток на енергија, тешкотии при напорни физички задачи
– тенка и сува кожа
– намалено либидо, еректилна дисфункција
– тешкотии со спиењето, инсомнија
– слаба концентрација
Самото намалено ниво на тестостерон не е причина за симптомите. Симптомините почесто се јавуваат кај постари мажи со срцеви болести, дијабетес, дебелина, висок крвен притисок.
Животниот стил и психолошки моменти може да се одговорни за многу од овие симптоми:
– пушење
– злоупотреба на алкохол и дроги
– стрес
– депресија
– анксиозност
– ниска самодоверба
– недостаток на сон
– нездрава исхрана
– недостаток на физичка активност
Причина може да биде и “средовечната криза” кога мажите мислат дека дошле до половина од животната фаза, на лична и професионална пресвртница. Вознемиреноста околу тоа што постигнале до сега, во работата или личниот живот, може да доведе до период на депресија.
Еректилната дисфункција може да е резултат на промени на крвните садови или нервни проблеми.
Недостатокот на тестостерон кој се развива подоцна во животот, хипогонадизам со доцен почеток, поврзан е со дебелина или дијабетес тип 2, некогаш може да е одговорен за симптомите на “машката менопауза.” Но, ова е специфична медицинска состојба која не е дел од физиолошкото стареење.
Мажите кои имаат физички промени добиваат третман според симпомите. При дебелина се поттикнува намалување на тежината, намален калориски внес и режим на вежбање. Мажите со дијабетес и кардиоваскуларни болести треба да ја лекуваат основната болест.
Терапија со тестостерон не смее да се зема без консултација со доктор. Овој третман може да го зголеми ризикот од уринарни проблеми и рак на простата или гради, води до пораст на ПСА, може да влоши исхемична болест на срцето, епилепсија, апнеја при спиеење, создавање на тромби.