Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Настинката е заразна инфекција на горни респираторни патишта – нос, грло, синуси и душник (трахеа). Лесно се шири во колективи. Возрасните заболуваат 2-3 пати годишно, а малите деца 4 или повеќе пати годишно.
Симптомите се јавуваат во фази:
Рана фаза (1-3-ти ден) – чешање и болка во грлото, кивање, течење на нос, затнат нос, кашлица, засипнатост.
Активна фаза (4-ти до 7-ми ден) – симптомите се влошуваат, достигнуваат врв во оваа фаза. Може да се јават и болки во телото, главоболка, замор, течење на очите и носот, треска (почесто кај деца).
Доцна фаза (8-ми до 10-ти ден) – симптомите се намалуваат. Некои развиваат мачна кашлица која може да трае и до два месеци.
Консултација со доктор е потребна ако се јави висока температура, градна болка, болка во уво, отежнато дишење. Ако симптомите траат подолго од десетина може да е развиена компликација: бронхитис, синузитис или пневмонија.
Повеќе од 200 различни вируси може да предизвикаат настинка. Риновирусите предизвикуваат 50% од настинките. Има повеќе од 100 различни риновируси.
Настинката лесно се пренесува од човек на човек кога вирусот дојде до мукозна мембрана – ноздри, очи или уста. Тоа се случува преку допир на површина или вдишување влажен воздух кој го содржи вирусот, кога заразно лице кива, кашла, испушта капки од носот.
Заразни може да бидете до две недели, најзарзни сте кога симптомите се најлоши – првите три дена кога се чувствувате болно.
Периодот на инкубација, од кога сте се заразиле до првите симптоми, е меѓу 12 часа и три дена по изложување на вирусот.
Специфичен лек за настинка нема, сама по себе поминува за седум до десет дена. Антибиотиците не делуваат на настинките бидејќи се предизвикани од вируси. Се земаат лекови за ублажување на симптомите и полесно закрепнување:
– лекови за намалување на болка
– деконгестиви
– антихистаминици
– лекови за супресија на кашлица или за искашлување
Најдобар лек е да одморите во првите неколку дена од болеста и да внесувате многу течности. Избегнувајте алкохол и кофеин.
Превенција: миење на раце, не го фаќајте лицето/устата/носот/очите, чистете ги површините, засилете го имунолошкиот систем (сон, исхрана, вежбање), останете дома за да не ја ширите заразата.
Разлика меѓу настинка и грип – многу од симптомите се исти, и двете состојби го зафаќаат горно респираторниот систем. Но предзвикувачи се различни вируси. Грипот е предизвикан од вирус на грип. Главна разлика е што грипот повеќе оди со температура и треска. Возрасните обично немаат треска при настинка. Симптомите кај грипот се посериозни, болките во текото се посилни, а компликациите се поопасни по живот.
Разлика меѓу настинка и COVID – коронавирусите предизвикуваат инфекции на горни респираторни патишта, може да патуваат до белите дробови и да доведат до пневмонија и други фатални компликации. Рани симптоми кои го прават COVID различен од настинка: треска, температура, краток здив (диспнеа), губиток на вкус или мирис (аносмиа), дијареа. Омикронската варијанта предизвикува поумерени симптоми кои лесно се мешаат со настинка: течење од нос, запушен нос, кашлица, болно грло, главоболка.