Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Прекумерната употреба и злоупотреба на антибиотиците се клучни фактори кои водат до резистенција на антибиотици.
Антибиотиците се важни лекови. Успешно ги третираат инфекциите предизвикани од бактерии, спречуваат ширење на болеста и ги намалуваат компликациите. Антибиотиците ги блокираат виталните процеси кај бактериите, ги убиваат или го спречуваат нивното ширење. Но, антибиотиците не прават разлика помеѓу корисните и штетните бактерии.
Антибиотиците не делуваат на вирусите затоа што тие имаат различна структура и различен начин на преживување.
Ако се земе антибиотик за вирусна инфекција, инфекцијата нема да се излечи, нема да спречи другите луѓе да се разболат, нема да помогне да се чувствуваме подобро, може да предизвика штетни несакани ефекти и промовира отпорност на антибиотици.
Повеќето случаи на инфекции на синуси и уво, респираторни инфекции, настинка, течење на нос, грип, бронхитис, болка во грло, повеќето кашлици, стомачен грип, корона инфекција се предизвикани од вируси.
Се смета дека 1/3 од употребата на антибиотици не е потребна ниту е соодветна.
Затоа, сега некои антибиотици не делуваат исто, а некои лекови воопшто не делуваат против некои бактерии. Кога антибиотикот повеќе не делува против некои видови бактерии тогаш кажуваме дека бактериите се отпорни/резистентни на антибиотици. Ова е еден од најитните здравствени проблеми во светот.
Што предизвикува резистенција?
Кога бактериите се менуваат тие на некој начин се спротиставуваат на антибиотикот. Таа промена ги заштитува бактериите од ефектот на антибиотикот или промената предизвикува бактериите да го сменат или уништат лекот.
Бактериите кои преживуваат антибиотски третман се размножуваат и го пренесуваат својството за отпорност на антибиотици на други бактерии. Бактериите “си помагаат” едни на други како да преживеат.
Отпорноста на антибиотици води до зголемен број на здравствени проблеми и смртни случаи, потешки болести, подолго оздравување, повеќе посети на доктор, поскапи тремани, почести и подолги болнички престои.
Застрашувачки последици од прекумерна употреба на антибиотици:
– нарушена природна рамнотежа на цревната флора која го поддржува имунитетот и правилното варење
Агресивните антибиотици, корисни за сериозна инфекција, може да избришат многу добри цревни бактерии, додека опасните ги оставаат имуни на антибиотици и тие “процветуваат”.
– добрите бактерии стануваат “лоши.” Бактериите развиваат одбрана од антибиотици преку процес на трансфер на гени на други бактерии.
– се зголемува бројот на случаи на неизлечива гонореја која предизвикува воспалителна болест на карлицата, болка, ектопична бременост, неплодност и неонатални инфекции на очите.
Антибиотиците влијаат на имунолошкиот одговор, директно врз имунокомпетентните клетки или индиректно со промени во структурата и метаболните процеси на бактериите.
Антибиотиците влијаат на имунолошкиот систем преку промена на составот на микробиомот. Се менува начинот на кој цревниот микробиом комуницира со домаќинот и ја менуваат ефикасноста и на вродениот и на адаптивниот имунолошки одговор. Ова резултира со зголемена подложност на инфекции, зголемено системско воспаление, нерегулиран метаболизам и воспоставување на бактерии отпорни на антибиотици.
Промените во микробиомот водат до проблеми поврзани со цревата: гасови, надуеност, дијареа, гастритис, синдром на нервозно дебело црево, некротизирачки ентероколитис, воспалителна болест на цревата.