Зоран Михајлов
Популарниот Панта беше специјалист за освојување поени и еден од најдобрите југословенски и европски „средни“ играчи. Вардаровата генерација
за паметење, југословенската, пак, за светската историја
Одбојката беше еден од спортовите со кои Македонија се гордееше. Благодарение на вардаровата генерација предводена од Донев и од Трифуновски, а под водство на Војче Синадиновски, кон средината на 1960-тите години почна да се прави пробивот кон југословенскиот врв. Се формира една цврста екипа, која стигна и до Првата југословенска лига.
Подоцна, кога Вардар се стандардизира и во него заиграа идните репрезентативци на Југославија, Тасевски, Богоевски и Србиновски, скопјаните сега предводени од Таки Џиков стигнаа и до шампионската титула во поранешната држава. Тоа беше оној период од средината на 1970-тите години, кога во Скопје се одржа и група од Европското првенство (1975 година) и кога целиот град се „запали“ и живееше со одбојката. Познат е оној рефрен на кој веројатно постарите љубители на спортот се сеќаваат, кој одекнуваше во салата во „Кале“: „Цела сала навива, напред Југославија“. Репрезентацијата на Југославија силно поддржана од навивачите го продолжи патот кон финалниот турнир во Белград, за на крајот првпат во историјата да го освои бронзениот медал. За наше задоволство, Богоевски беше една од основните алки во тој тим.
Меѓу оние млади момчиња, кои во тој период веќе беа вклучени во одбојката, по овој успех на Југославија, како уште повеќе да пламна љубовта кон одбојката. Еден од нив беше и Горан Србиновски, кој потоа имаше импресивна кариера.
– Благодарение на брат ми дојдов во одбојката. Тој беше играч на ОК Скопје, па нормално беше и јас да заминам таму и да почнам да тренирам. Во тој период тимот од Автокоманда се натпреваруваше во Втората југословенска лига, но во своите редови имаше прволигашки одбојкари, како Батев и Чавков, од кои можеше многу да се научи. Тоа беа убави денови од мојата кариера, кога практично навлегов во тајните на одбојката. Беше задоволство да се игра со поискусните од мене, од кои можеше да се „купат“ многу работи. Тоа максимално го користев и чувствував дека играчки одев во нагорна линија и само чекав момент кога ќе се преселам во Вардар, кој беше магнет за сите млади одбојкари од Македонија – вели Србиновски.
ЏИКОВ ГИ ПРЕПОЗНА МОИТЕ КВАЛИТЕТИ
Србиновски првите три години од одбојкарската кариера ги помина во клубот од Автокоманда, а потоа се пресели во прволигашот Вардар.
– Со моите игри го привлеков вниманието на тренерот Таки Џиков, па во 1975 година дојде поканата да заминам во Вардар. Почувствував оти токму таков играч како мене им е потребен и затоа не се колебав. Сметав дека е тоа вистинската средина во која ќе можам да се докажам, да напредувам и евентуално да стигнам до репрезентацијата. Уште од првите моменти бев одлично прифатен од постарите играчи Трифуновски, Зафировски, Кузмановски, Тасевски, Богоевски, така што бев многу охрабрен и решен да не ги разочарам и нив и тренерот Џиков. Шансата беше тука, требаше да ја искористам и да покажам дека навистина вредам и имам квалитети да играм во прволигашка конкуренција. Меѓутоа, не брзав многу, им препуштив сѐ на стручниот штаб и тренерот Џиков и само го чекав моментот кога ќе добијам вистинска шанса. Ми остануваше само да тренирам, да бидам настојчив и редовен на тренинзите – вели тој.
Панта беше дел од оној состав што ја освои шампионската титула во Југославија во 1976 година. Навистина не беше најстандарден, но самото чувство оти припаѓаш на една шампионска екипа беше прекрасно.
– Тоа беше нов стимул и чекор напред кон градењето на мојата одбојкарска кариера. Потоа дојдоа годините кога и јас на некој начин станав фактор во тимот. Играв на позиција на среден играч, задолжен за блокирање и за смечување, за најразлични комбинаторики и, се разбира, за освојување поени. Најмногу се „читавме“ со носителот на играта Богоевски. Тој со заврзани очи ќе ме пронајдеше каде и да сум на теренот, толку многу бевме уиграни. Потоа бевме тандем и во сениорската репрезентација на Југославија, а со Вардар три години по освојувањето на титулата го освоивме и Купот на поранешната држава. И тоа беше еден радосен миг од мојата клупска кариера, но овој пат, за разлика од моментите кога славевме во шампионатот на Југославија, бев стандарден и еден од клучните играчи во тимот. Имав многу поголемо искуство, а бев и похрабар во играта, бидејќи имав и репрезентативно искуство. Тоа беше многу битно, а мене ми импонираше што противничките играчи ме гледаа со респект. Сепак, да се биде сениорски репрезентативец на една земја, во кој и да е спорт, не е мала работа – рече Србиновски.
Од периодот кога Вардар беше респектиран и ценет противник, Србиновски најмногу се сеќава на еден натпревар со повеќекратниот државен првак Младост Монтер од Загреб.
– Натпреварот се играше во Скопје. Во салата имаше околу 3.000, а надвор уште 3.500 гледачи. Толкаво беше интересирањето за тој натпревар, кој таа недела беше централен спортски настан во Македонија. Во почетокот не ни тргна најдобро, па загрепчаните поведоа со 0-2 во сетови. Јас бев на клупата и само ја чекав мојата шанса. Тогаш тренерот ме уфрли во игра и при самото влегување освоивме поен, за потоа едноподруго да освоиме уште неколку поени. Профункционира мојата соработка со Богоевски. Заигравме, што би се рекло, во голем стил и со една таква игра во која се вклопија и другите одбојкари дојдовме до победа со 3-2. На радоста ѝ немаше крај. Тоа беше меч што вечно ќе остане во мојата меморија – се сеќава Србиновски.
ОСВОЈУВАЧ НА БРОНЗА ОД ЕП И НА ЗЛАТО ОД МЕДИТЕРАНОТ
Србиновски во Вардар стана стандарден во онаа генерација за паметење, која во 1977 година играше во европскиот фајнлфор во финскиот град Пиексамаки, каде што го освои четвртото место. Ова беше големо искуство, не само за Србиновски туку и за сите одбојкари. Овој настап уште повеќе го мотивира похрабро да зачекори напред. Веќе следната година дојде и повикот за сениорската репрезентација. Тоа за него беше големо признание, но и шанса за понатамошна афирмација во спортот што стана неразделен дел од неговиот живот.
– Откако во 1977 година на ЕП во Финска нашата одбојкарска репрезентација потфрли и доживеа дебакл, тоа беше сигнал да се направат коренити промени во националниот тим. Тогаш под водството на новиот селектор Бранко Томиќ беше формиран еден тим за наредните четири-пет години, кој беше микс на стари искусни и на млади талентирани играчи. Во тој состав се најдов и јас, а од поискусните тука беа Лозанчиќ Травица, Богоевски и уште неколкумина – продолжи Србиновски.
Репрезентацијата на Југославија веќе наредната година се врати на позицијата што ја имаше претходните години. На Европското првенство во Франција беше повторен успехот од пред четири години и вторпат беше освоен бронзениот медал.
– Во националниот тим тогаш бевме тројца Македонци, покрај мене тука беа и многу поискусните Богоевски и Тасевски. На ЕП во Франција поминавме низ трнлив пат за да стигнеме до медал. Сепак, најмногу ќе се сеќавам на средбата со домаќините, која се одигра во Париз пред 10.000 гледачи. Тоа беше меч за паметење, во кој ги совладавме триколорите со максимални 3-0. По овој пораз, во кој ги загубија шансите за медал, француските одбојкари цели два часа останаа да седат на паркетот во салата. Ете, толку беше големо нивното разочарување – вели Панта.
Истата 1979 година одбојкарите триумфираа и на Медитеранските игри во Сплит.
– Турнирот беше многу силен, на него учествуваа 14 репрезентации, меѓу кои и одбојкарските нации Италија, Шпанија и Франција. Токму од тој аспект златниот медал што го освоивме има многу голема специфична тежина. И таму македонската тројка Богоевски, Тасевски, Србиновски функционираше беспрекорно – се сеќава на убавите сплитски денови Панта.
Кариерата на Србиновски продолжи на два фронта – клупскиот и репрезентативниот. Го исполнуваше задоволството што во Вардар имаше убава атмосфера, а клубот поради квалитетот со кој располагаше стана фактор во југословенската одбојка. Со репрезентацијата, пак, му се отвораше шанса за меѓународна афирмација. Тоа беше период кога југословенската репрезентација ги постигнуваше историските успеси и стигна до Олимпијадата во Москва.
Идната недела:
Србиновски олимпиец во Москва