Актерката Весна Бејби-Петрушевска тврди дека во скопското училиште „Лазо Ангеловски“, второоделенец малтретира соученици. Таа сподели грозни детали. Според неа, постојат фотографии и докази дека децата се малтретирани и удирани. За профилот на детето-насилник посочува дека има насилничка историја. Според неа, соблекол и врсничка во тоалет, а со алиштата бришел под.
„Во скопското училиште ‘Лазо Ангеловски’, подолго време, второодделенци, седумгодишно дете, ги малтретира своите соученици. Ги тепа, ги плука, им ги кубе косите и ги остава на катедра кај своите наставнички. Велат дека училиштето не може да се справи со овој насилник. Има приказна дека ова дете затворило девојче-врсник во училишниот тоалет, го соблекол голо и продолжил да се изживува врз ова девојче. Ова дете има историја, ги мавал и тепал децата и во градинка. Истурил течен сапун по скали, се смеел, ги сопнувал. Родителите имаат притисок да не зборуваат, а дел од соучениците се испишале“, вели Петрушевска во видеото.
Таа посочува дека внимава со податоците кои ги изнесува.
„Верувам дека вистински ќе се вклучат институциите. Досега, ги заташкувале работите. Училиштето треба да е безбедна средина, децата да се среќни и задоволни. Не може поради еден насилник, да се плашите децата да ги пуштите на настава, а наставниците да креваат раменици со објаснување дека ќе се наруши угледот на училиштето“, додава Петрушевска.
Упати апел и до родителите на насилникот да седнат и да разговараат со него. Смета дека тие имаат и кривична одговорност. Таа во обраќањето посочува дека треба да се крене глас и да се види што се случува во ова училиште.
За овој настан, засега нема потврда дека има пријава во МВР.