Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Потењето е природен начин за регулација на телесната температура. Кога мозокот ќе открие дека телесната температура пораснала над 37 степени, испраќа сигнал на потните жлези да произведат и излачат течност преку порите на кожата. Потта со испарување ја лади кожата.
Потните жлезди најгусто се распоредини под пазувите, на дланките и стопалата. Кога ќе се излачи потта нема мирис. Непријатниот мирис се јавува кога бактериите на кожата почнат да се хранат со мастите и белковините кои се наоѓаат во потта.
Количината на пот која се создава и излачува варира од особа до особа, генетски фактори и предиспозиции се одговорни.
Фактори кои стимулираат лачење на пот: физичка активност, клима, топло, стрес, нервоза, хормонални промени (пубертет, бременост, менопауза), метаболни болести (дијабетес, тироидна жлезда), лекови, алкохол, кафе, никотин, зачинета или жешка храна.
Има две врсти на потни жлезди во телото:
Екрините жлезди се наоѓаат на целата површина на телото, ја контролираат температурата, произведуваат голема количина на “мокра пот” која нема ни мирис ни боја.
При термално потење предизвикано од зголемена температура или физичка активност активни се екрините жлезди.
Апокрините жлезди се концентрирани во одредени области, во пазувите, интимната регија, косматиот дел на главата. Овие жлезди се активираат во тек на пубертет, создаваат мала количина пот (богата со белковини и масти) која ја метаболираат бактериите и се создава непријатен мирис на телото.
Нивното лачење може да биде поттикнато со стрес или хормонални промени.
“Ладната пот” се поврзува со некоја шокантна состојба (емоционален шок, болест, силна болка, сепса), кога од страв нé облива ладна пот. Тоа е дел од одговорот на организмот, бегај или бори се. Може да се јави треска, бледа кожа, срцебиење. Самата пот не е ладна, но чувството е специфично. Се потиме, а ни студи. Напнатоста предизвикува нагла активација на центарот за температура во мозокот за да овозможи да се “оладиме” од стресната ситуација и резултат е ладно потење.
Ладна пот може да се јави кај дијабетес и срцев инфаркт, во фаза на одвикунување од алкохол или дрога, при пад на крвниот притисок или нагол пад на шеќерот во крвта.
Кога нé облива пот независно од надворешната температура, телото нешто ни порачува.
Стрес, страв, силна позитивна емоција – потта ја произведуваат апокрините жлезди и има непријатен мирис.
Бременост или менопауза – процесите во телото кои влијаат на ендокриниот систем може да предизвикаат засилено потење. Хормоналните промени предизвикуваат промени во “термостатот” во мозокот.
Ноќно потење може да се јави поради:
– хиперактивна штитна жлезда
– ниско ниво на шеќер во крвта во текот на ноќта
– апнеа во тек на спиење
– желудочна киселина која се враќа во хранопроводот
– лимфом, други тумори, феохромоцитом
– лекови: за намалување на температурата, антидепресиви, хормонална терапија, стероиди, некои лекови за глауком и сува уста
– туберкулоза
– анксиозност, страв, паника, кошмарен сон
– менопауза
– инфекции – ХИВ, ендокардитис, остеомиелитис, пневмонија.