Полицијата во Бања Лука го истражува случајот со малтретирана жена од областа Лакташи, на возраст од околу 40 години, која во многу лоша психофизичка состојба била примена во Универзитетскиот клинички центар на Република Српска.
Жената наводно со години била држена во заробеништво од членовите на нејзиното семејство, пренесува ATV.
Како што потврдија за АТВ, таа била примена во УКЦ на 12 септември годинава откако семејството повикало итна помош, бидејќи несреќната жена практично била на умирање. Лекарите ја затекнале неухранета, во несвесна состојба, со рани по целото тело.
„Лекарите рекоа дека никогаш во животот не виделе вакво нешто… Неизмиена со години, жената имала коса до подот, која повеќе личеше на израстоци отколку коса. Беше целосно запоставена, поради што сѐ е пријавено во Полициска станица Лакташи. Полицијата постапила по пријавата, а лекарите констатирале дека има повеќе повреди по телото од лежење, односно декубитални повреди. Станува збор за декубитални повреди до коските. Други повреди не можеа да потврдат“, вели извор близок до истрагата.
Истиот извор додава дека полицијата за сѐ го известила дежурниот обвинител на Окружното јавно обвинителство во Бања Лука. На полицијата и било наредено да поднесе извештај за преземените мерки и дејствија, односно да земе изјави од членовите на семејството и истите заедно со лекарски извештаи да ги достават до обвинителството за да се утврди дали има елементи на кривично дело во целиот случај.
„Еден од браќата изјавил во полиција дека неговата сестра не излегувала од дома од 2006 година. Односно 17 години… Тој исто така изјавил дека за тоа време семејството не се обратило кај никого за помош. Ниту на лекарите, ниту до надлежниот Центар за социјална работа, ниту до некоја институција“, открива изворот на АТВ.
Тој додаде дека таа воопшто немала лични документи. Наводно, завршила само основно училиште и живеела во домаќинство со мајка ѝ и двајцата браќа. Засега не се знае дали против нив ќе биде покрената постапка поради негрижа, неукажување помош и сомнеж дека намерно ја криеле од јавноста и практично ја држеле во заробеништво.