Куче им покажа на луѓето што е лојалност. Славко Дамјановски од Скопје објави фотографија од емотивна сцена во Прилеп – куче, кое неколку дена седи пред болницата, чекајќи го својот сопственик кој доживеал мозочен удар.
„Кучево е пред болница Прилеп. Трчало по возило на Итна медицинска помош во кое се превезувал газдата со мозочен удар. Два дена го чека пред болница сопственикот и не јаде. Која е оваа љубов луѓе… Ги молам сите активисти кои ги имам во пријатели, да не ги тагирам, ако имаат линкови во Прилеп да му се помогне некако со пансион или храна, бидејќи е мавано со камења за да се тргне од ‘луѓе’. Ќе помогнам“, напиша тој во описот на фотографијата.
Откако повеќе македонски медиуми ја пренесоа неговата објава, Дамјановски ја надополни и извести за состојбата на кучето.
„Кучето е на сигурно. Многу медиуми се загрижија и секоја почит за нив. Многу почит за здружението за заштита животни од Скопје кое понуди брзо и конкретно решение. Многу почит за луѓето кои се понудија да покријат финансиски трошоци, луѓето кои се понудија со храна и било каква друга помош. На крај а не помалку битно, голема благодарност за докторката која алертираше со многу емпатија, емоција и љубов.Браво!
ПС. Кучево е позитива на денот, пример за чиста љубов и лојалност, а сите Вие пример како треба и дека ќе одиме напред како заедница по осветлен пат“, додаде Дамјановски.