Зоран Михајлов
Драгослав Шекуларац уште по појавата на фудбалскиот терен ги освои срцата на љубителите на спортот. Тој беше неверојатен, топката кај него беше послушна, немаше шанса да побегне. Неговите дриблинзи беа неверојатни, а желбата да се надигрува кај него беше нескротлива. Тој, впрочем и така го сфаќаше фудбалот-да игра да се надмудрува со противникот и нормално да се дојде до посакуваната победа.
За нас во Македонија, посебна чест беше што тој имаш мајка Македонка – Донка Марковска. Неговиот татко Богосав, завршен правник, долго време се мачел да го освои нејзиното срце. Штипјанката, која била мошне аткрактивна, така знаеше често, не во шега туку сериозно да каже Шеки, не се „предавала“ на крајот конечно се согласила да се омажи за него. Од тој брак на 30 номври 1937 година на свет доаѓа Драгослав Шекуларац. Во тие моменти никој и не можел да помисли дека всушност е родена втората Звездина звезда – по Рајко Митиќ. Но, ете она што го имаше во себе Шеки не можеше да остане скриено само во него, тој од мали нозе своите фудбалски итрини почна да ги покажува и пред фудбалските љубители.Тие често доаѓале на игралиштето каде што играл Шеки со своите другари да го гледаат и да уживаат во неговите мајстории.
Со Шекуларац имав една средба во времето кога јас бев генерален секретар на Вардар, а Бобек тренер. Средбата меѓу фудбалските легенди мина во интересен разговор, во кој како да се на фудбалски терен, се натркуваа кој повеќе ќе каже за својот тим. Бобек го фалеше Партизан, а Шеки нормално Звезда. Во еден момент застана и му вели:
“Штеф (Бобек) за малку ќе дојдев уште како пионер во Партизан, ама многу го сакав името Црвена звезда“ .
Бобек се зачуди и го прашува :„Од каде пак Партизан“? Па,така,му одговори Шеки и додаде:
„Во Звезда,кога имаше селекција двапати не успевав, ме враќаа, како да сум паднал на испит. Тоа многу ме разочара“.
Шеки се лутел на сите во Звезда,а најмногу на Слободан Ќосиќ. долгогодишниот генерален секретар на црвено-белите, кој не сакал ниту да го погледне. Шеки бил и навреден зашто му рекле дека уште е малечок, дебеличок и кус. Е, тоа најмногу го заболело. Плачел и не можел да се помири со горчливата судбина. За Шеки, кој заради фудбалот бегал од училиште да нема место меѓу Звездинитен пионери. Но, така било се додека неговиот „фудбалски татко“ Димитрие Митке Милоевиќ, кој често го гледал како игра мал фудбал, во близина на стариот стадион на Црвена звезда, не го повикал да дојде на тренинг. Шеки веднаш под водството на чика Митке, заиграл за младинците на Звезда, кои ја освоиле титулата првак на Југославија. Потоа, кога настапувал за вториот тим каде се случила чудна работа. Имено, на првиот натпревар против Мачва имало 1.000, на вториот 3.000, а на третиот 10.000 гледачи, сите тие дојдени да го видат новото звездино дете. Оттогаш почнуваат неговите незаборавни фудбалски мигови. Станува вистинска звзда, но неговиот немирен дух често е причина да биде и казнуван. Шеки беше и шоумен и фалбаџија, насекаде велеше дека е тој најдобар, дека нема како него демек фудбалот го има во малиот џеб. Да не беше таков можеби неговата кариера ќе беше уште поуспешна. Но,во едно интервју што го прочитав. во тоа време во загрепски „Плави вјесник“,беше искрен и изјави оти – виновна за тоа што не станав уште поголем фудбалер е мојата глава!
На таа средба со Бобек и со Шекуларац, на која како да и немаше крај, го потсетив и на таа изјава. Потврди и рече – и повторно да се родам ќе бидам истиот!
Минав пријатни моменти со двајцата фудбалски великани, но се има свој крај, па така дојде крајот и на таа неочекувана средба во кафеаната Кукуш, на Кејот под вардаровите простории. Шеки брзаше за Белград, а Бобек на тренинг со Вардар.
„Поздрави ги твоите“, му дофрли Бобек. „Добро,но ако сакаат да ме примат“, со насмевка одговори Шеки. И тоа беше една од неговите шеги,во кои имаше и мала вистина.
Сега за она што претставуваше Шекуларац во југословенскиот фудбал?
Ако,се бараат зборови и ако треба да се опише во вистинска смисла каква фигура беше, тогаш доволно е да се каже фудбалски виртуоз и ненадминат дриблер. Шеки,ги знаеше своите способности, па не беше скромен и секогаш се фалеше, а често знаеше да каже- на светот има тројца најголеми фудбалери: Метјуз, Пушкаш и Шекуларац.
За развојот на Шеки голема улога имаше и целата звездина генерација во која беа Томиќ, Иван Поповиќ, Петковиќ, Стипиќ, Чурчиќ…Но,кога ќе почнеше натпреварот од трибините се слушаше само „Шеки,Шеки…“. И навистина Шекуларац беше еден од ретките што имаше своја публика, а тоа него го мотивираше и му даваше дополнителен мотив. Секогаш беше најдобар или меѓу најдобрите на теренот. За неговите мајстории живееја илјадници љубители на фудбалот, не само во Југославија, туку на сите меридијани во светот. Заслуга за неговиот подем имаше и доктор Аца Обрадовиќ, незмаменливиот звездин човек, поголем дури и од претседателот на клубот. Ако тој земеше под своја заштита некој фудбалер, за него веќе немаше зима. Токму тој беше најголемиот заштитник на Шеки. Тој беше човекот кој го уфрли штипјанецот во друштвото со Митиќ, Станковиќ, Спаиќ и тогаш младиот Џаиќ. Рајко Митиќ,кој беше а и денеска е првата зезда на Црвена звезда, многу го симпатиозираше Шеки. Тој максимално го прифати, дури и му го отстапи дресот со број 8, а тој заигра во дрес со број 4 во кој остана до крајот на кариерата.
Подемот на Шеки беше брз, иако мала сопирачка имаше кај тренерот Миша Павиќ. Шеки не можеше да го смисли, а најголема навреда од него доби кога на пријателскиот натпревар со Клагенфурт (Австрија) го уфрлил во игра во последните 20-сетина секунди.
„Не стигнав ни до центарот,а судијата даде знак за крај на средбата“, луто велеше Шеки.
Оттогаш двајцата како да беа на „нож“,но против виртузноста на Шеки никој не мошеше тврдоглаво да се бори. Шеки си остана Шеки, омилен во фудбалскиот свет.
Дебито на првенствените средби го имаше 1955 година против Војводина, за која тогаш играа оние на кои дотогаш Шеки им се воодушевуваше: Бошков,Рајков,Милованов и браќата Крстиќ. Резултатот беше 2:2, а врз Шеки беше направен пенал, кој беше претворен во гол, а потоа тој му асистираше на својот центарфор Иван Топлак за вториот гол.
Така,почна блескавата кариера на фудбалерот, кој поради тоа што немаше влакна на јазикот често беше опоменувам, па и казнуван. Шеки го сакаа сите, тој ја разубавуваше фудбалската игра, внесувашее во неа вистинска магија, беше вистински шоумен.
Црвена звезда беше негова најголема љубов, еден период во неа беше и тренер и тоа во годината (89/90) кога се создаваше тимот кој стигна до европската титула во 1991 година, со нашите Панчев и Најдоски.
Инаку, Шеки дебито во странство го имаше во Карлсруе (Германија). Се сеќавам,тогаш прочитав дека со марките што ги добил му купил телевизор на својот фудбалски татко чика Митке, тренерот кој со раширени раце го пречека во Звезда и кој практично му ја отвори вратата во фудбалскиот свет.
Шекуларац беше и меѓу најмладите во олимпискиот тим на Југославија,кој во 1956 година во Мелбурн го освои сребрениот медал. Тој од 1956 до 1966 година имаше 41 настап за сениорската репрезентација на поранешната држава за која постигна шест голови. Ќе треба многу простор да се напише автобиографијата на Драгослав Шекуларац и да се забележат сите клубови во кои играше или беше тренер. Ги има на сите континенти, тој беше вистински фудбалски глобтротер. На него ќе се сеќаваат љубителите на фудбалот на сите меридијани, а споменикот во Штип вечно ќе ги потсетува идните генерации дека во градот под Исарот беше роден еден од најголемите фудбалери на светот.