Кога ги гледаме сликите на Марија Калас, гледаме една занесна убавина. Висока, црна, со прекрасни крупни очи и широка насмевка, Марија била пример за совршена природна убавина. Ако на сето тоа се додаде и талент, веројатно ќе си помислите дека таа била заводничка која пленела со својата појава. Вистината била далеку од тоа.
Имено, Марија пораснала со мајка која постојано ѝ зборувала колку е дебела. А врската со Оназис и го „срушила сиот свет“. Затоа денес ја паметиме како „дивата која почина од скршено срце“.
Марија била родена во Њујорк на 2 декември 1923 година, во грчко имигрантско семејство кое ѝ го дало името Марија Ана Сесилија Софија Калогеропулос.
Нејзините родители, Џорџи и Евангелија, заробени во крајно несреќен брак, веќе имале едно девојче Јакинта, наречена Џеки, а нивниот првороден син Василис починал на 2-годишна возраст. Затоа семејството повеќе од сè посакувале син. Затоа, од моментот кога Марија ја здогледала светлината на денот, не пропуштале прилика да ја потсетат дека е несакана – од големо разочарување, нејзината мајка одбивала да ја погледне ќерка си цели 4 дена по породувањето.
Евангелија не ја криела наклонетоста кон постарата ќерка, витката и поубава Џеки. Не обрнувала премногу внимание на буцкастата, црномуреста, кратковида Марија, сè додека не го открила нејзиниот талент за музика. „Од 5-годишна возраст и во текот на сите години кога требаше да си играм и да уживам, морав да пеам и да заработувам. Никогаш нема да ѝ простам на мајка ми што ми го украде детството“, биле зборовите на Марија Калас.
Кога Марија имала 14 години, бракот на нејзините родители се распаднал и таа заминала во Грција со нејзината сестра и мајка – токму во екот на Втората светска војна. Животот тогаш станал уште полош за младата Марија бидејќи нејзината мајка ги подведувала неа и Џеки на германските и италијанските војници за да заработат за храна. Но, нејзиниот суров и нешколуван талент за пеење набрзо и овозможил место на Државниот универзитет, па и покрај советите од нејзините професори образованието да го продолжи во Италија, по војната се вратила во Њујорк.
Таму не останала долго – набрзо се нашла на пат за Италија и со сè што поседувала во само еден куфер, пристигнала во Неапол.
Таа кобна прва вечер во Италија, таа запознала извесен Џовани Батиста Менегини, богат индустријалец кој ќе ја претвори во ѕвезда. Во тоа време, Марија Калас не изгледала како што ја паметиме денес – имала речиси 100 килограми, заоблено лице и бујни гради, но кај Мененгини разбудила некое необично сочувство.
Тој ѝ понудил да ја издржува додека студира пеење и 2 години подоцна се венчале. 54-годишниот младоженец се оженил со 25-годишната девојка тајно, во затскриена просторија на некоја црква. Калас не била католик, па свештеникот речиси и да одбил да ги венча.
Со поддршката и парите на Мененгини, со рестриктивната диета со зеленчук и сирово месо, таа ослабела повеќе од 30 килограми и се трансформирала во витка, прекрасна девојка.
Мененгини подоцна се присетил дека како би ја достигнала својата идеална тежина, таа дури проголтала у тенија. Парот бил во брак турбулентни 12 години, а во новооткриените писма Калас напишала за својот сопруг: „Сè уште ме мачи и откако украде повеќе од половина од моите пари ставајќи сè на негово име откако се венчавме … Бев будала што се омажив за него“.
И додека нејзиниот приватен живот очигледно се распаѓал, Марија Калас ги освојувала светските опери.
Во нејзиниот глас би оживеале трагични оперски хероини, доведувајќи ја публиката до екстаза и катарза. Денес ретко ќе слушнете некој да ја критикува Марија Калас, но вистината е дека колку што ги маѓепсувала луѓето со своите песни толку била и омаловажувана. Гласот ѝ треперел во најважните моменти, техниката честопати не ѝ била на ниво, а кога настапувала во големи опери како „Метрополитен“ на сцената ѝ фрлале главици зелка. Сепак, таа ја распродавала секоја сала, а за билети се грабале и оние кои ја обожавале и оние кои ја мразеле.
Давала дрски и арогантни интервјуа, отворено прозивајќи ја нејзината мајка за злоставување и споредувајќи го својот глас со шампањ.
Нејзиниот пад, што би потврдиле сите нејзини познавачи, започнал кога во 1957 година го запознала бродоградежниот магнат, Гркот Аристотел Оназис.
И двајцата тогаш биле во брак, но тоа не ги спречило да започнат страсна љубовна врска која траела до неговата смрт во 1975 година. Ниту во неговата прегратка Марија Калас не пронашла среќа. Не само што морала од весници да дознае дека љубовта на нејзиниот живот се оженил за најпосакуваната вдовица на ерата, Џеки Кенеди, туку Оназис истовремено и ја малтретирал, омаловажувал, оставал, а потоа повторни ѝ се враќал.
Покрај сето тоа гласот ѝ пропаѓал. Психичките проблеми, недијагностицираната невролошка болест и изгладувањето ја оставиле без единствениот адут. Последните години ги поминала во стан во Париз, живеејќи на алкохол и апчиња за спиење, каде и починала од срцев удар во 1977 година.