Првообвинетиот Драги Рашковски е осуден на единствена казна затвор од осум години за предметот „Софтвери“. Второобвинетиот Ивица Димитровски доби пет години казна затвор, а на Игор Христов му е одредена казна од пет години и шест месеци, додека четвртообвинетиот Даниел Станчев е осуден на четири години. Ирена Ивановска доби три години и шест месеци, а хонорарците Игор Ивановски и Маја Силјановска добија три години затвор. Казните ги изрече судечкиот совет, чиј претседател е судијката Фанка Јанчулева Михаиловска.
Според обвинението, првообвинетиот Драги Рашковски, не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”, а Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјаноска се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување”.
„Софтвери“ е предмет отворен по допрен глас од 0обвинителката Ивана Трајчева. Обвинението е за набавка на два софтвера и исплата на хонорари. Првиот софтвер е за сообраќајни прекршоци и биометриска идентификација, кој, според обвинителката, никој не ги користел, а Генералниот секретаријат со кој управуваше Рашковски ги набавил иако немал надлежност за тоа. Дополнително, обвинителката докажуваше дека тендерите биле наместени.
Вториот дел од обвинението е за хонорарите. Тој склучувал авторски договори со физички лица што не ги извршувале работните обврски. Според обвинението, тие подигнувале дел од парите и му ги враќале на Рашковски. Со тоа е направена штета на буџетот во вкупен износ од 1.320.000 денари.