Лидерот на ГРОМ и градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски реагираше на синоќешната изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој го нарече својот доскорешен коалициски партнер – „лејка“.
-Со новиот изборен закон мора да се воведе задолжителен психијатриски преглед за „лидерите“ на секоја политичка партија! До каде отиде вечерва во додворувањето кон американците лидерот на ВМРО ДПМНЕ! Предлага да ја примиме Украина во НАТО, да го активираме Член 4 и да влеземе со војска во Украина на фронт со Русија. Какво увлекување, поголем Католик од Папата Америкаците внимаваат со реториката за влегување во војна со Русија, а тој диретно ќе војувал и предлага да испратиме наша, македонска војска. Што да испраќаме војска нека оди тој како доброволец. Не е престарен има 45години. Во кондиција е, секој ден ака по Водно, очекувам дека ќе го распределат во јуришна бригада да го форсира Дњепар зошто не може да потоне оти е многу лесен, напиша Јакимовски на социјалните мрежи.
Мицкоски синоќа даде предлог за тоа како да ѝ се помогне на Украина.
-Еве веднаш сите земји-членки кои сме дел од НАТО алијансата да почнеме ратификација на протоколот за членство на Украина во НАТО и да ѝ помогнеме. Така ќе го искористиме Членот 4-5 и да ѝ помогнеме, така што ќе пратиме војници таму и ние ќе се бориме заедно со политичарите. Само така ќе ѝ помогнеме, а ова другото е двојни стандарди и понижување и омаловажување. Таму каде што се води војна, така се помага, кажа лидерот на опозицијата во емисијата „Само вистина“.