Да беше Жан Валжан од Македонија, по издржувањето на затворската казна во Идризово наместо да биде инспириран ќе беше ограбен од некое свештено лице, кое прибира средства за изградба на нов стамбен комплекс, шопинг мол или спа центар.
Се разбира дека еден криминалец како месје Валжан својата метаморфоза предизвикана од енормната добрина на свештеникот, тешко ќе можеше да ја доживее во Македонија, па во пакет со членовите на велешката „франкфуртска“ мафија ќе требаше да замине на гурбет во Германија, заедно со нашите лекари, инженери, водоинсталатери, гипсери и тапацери. Таму робусниот Жан ќе можеше да отвара текстилни фабрики, да се бави со хуманитарна работа и да се бори на барикадите на револуцијата, како што тоа е опишано во романот „Клетници“ на Виктор Иго.
Интересен е и случајот на убавата но наивна Фантин, која прелажана од момчето останува трудна, а потоа на свет ја носи прекрасната Козета. Но за да може да ја издржува ќерка си таа е приморана да ја остави кај едно сомнително семејство и да замине во друг град на работа. Тоа потполно ја уништува кутрата Фантин, која прво ја продава косата, па забите, па после го препродава и своето измачено тело за да собере доволно пари за издршката на Козета.
Тажна е судбината на оваа мајка, но уште потажна е судбината на Македонија. Еве баш по Нова година беше објавена една сторија во весниците, која мене ме потресе онака до коска. Веста беше насловена нешто како „Кичево ќе почека на првото бебе“, наслов што мене онака од прва ме привлече.
Информацијата од Кичево ја открива тажната вистина за овој град, во чија болница има голем и ноторен проблем, поради кој поголемиот дел од родилките се принудени своите деца да ги раѓаат во Охрид. Причината за тоа е што неколку години по ред во градската болница која опслужува 70 илјади луѓе работи само еден анестезиолог. Па така гинелокозите се често принудени идните мајки да ги упатуваат во охридскиот акушерски центар. Од тие причини на Нова година во Кичево не се роди бебе, а прашање е дали тоа ќе се случи до Стара нова година или Водици, верскиот празник кој организирано се слави во речиси сите кичевски села.
Виктор Иго својот револт од општеството и заостанатоста на својата генерација целосно го преточил во своето капитално дело „Клетници“, издадено за прв пат во 1862 година. Од првото издание се поминати 157 години, во кои не се роди ниту еден македонски Иго, за да ја опише заостанатоста на своите современици и да ја опише маката на нашите клетници, кои во 21. век се принудени да живеаат како Французите во првата половина од 19. век.
Кичево во македонската верзија на Клетници е секако Фантин, кревката мајка која за да ја обезбеди иднината на своите деца е приморана истите да ги испраќа далеку од себе. Сомнителното семејство секако дека не е Охрид или тамошните пожртвувани лекари, туку тоа се сите оние Македонци кои меѓу зимскиот и летниот одмор наместо „Клетници“, читаат статии за ризиците од вакцинацијата, имаат изграден став за тоа дека теоријата на еволуцијата е измислица на илуминатите, а потоа спремни со предзнаење одат да гласаат на избори.
Еден Виктор Иго веројатно би напишал дека нашата мизерија е автохтона и ендемска. Како топчестиот сунѓер во Охридското езеро, печурките од кичевската околија или кретените со право на глас.
(Преземено од Фејсбук)