Идентификувани се двете американски туристки кои минатата недела беа нападнати во Германија, а едната го загуби животот.
Станува збор за девојки кои неодамна дипломирале на Универзитетот во Илиноис.
Ева Лиу (21) во средата била нападната од 30-годишен Американец кого го запознала додека планинарела во близина на една од најпопуларните германски туристички атракции, бајковитиот замок Нојшванштајн. За време на нападот со неа била и нејзината пријателка Келси Чанг (22), која ѝ пришла на помош, но потоа Американецот ја турнал во бездна.
Од полицијата велат дека 30-годишниот маж потоа се обидел сексуално да ја злоупотреби Лиу, а потоа ја фрлил во бездната. На местото на настанот пристигнале спасувачи и брза помош и двете девојки ги пренеле во болница. Чанг го преживеала нападот, но Лиу не, пренесува CNN.
Ниту Чанг ниту Лиу не го познавале 30-годишниот напаѓач (чиј идентитет се уште не е објавен) од порано. Го сретнале додека планинареле, кога им рекол дека знае за скриена патека која води до местото со поглед.
Кога се оддалечиле, Американецот прво ја нападнал 21-годишната девојка. Нејзината пријателка сакала да ѝ помогне, но тој почнал да ја дави и ја турнал надолу по стрмната карпа. После тоа се обидел да ја силува 21-годишната девојка, но бидејќи таа давала силен отпор, ја турнал во бездната длабока 50 метри и побегнал. Сторителот на делото е уапсен во близина, по неколкучасовна опсежна потера.