Националниот парк „Пелистер“, годинава ќе го добие првиот Авантуристички парк за возрасни и деца, со цел збогатување на својата туристичка понуда, развој на локалната економија и една поширока димензија, воспоставување нови и зацврстување на веќе постојните релации на прекугранична соработка на Република Северна Македонија и Република Грција.
На терен забрзано се работи на паркот кој изобилува со привлечни содржини, искачување на карпи, зип линија, адреналински паркови за деца и возрасни, други атрактивни содржини, форми со интересни детали кои би го направиле престојот на Пелистер уште попривлечен.
Паркот почна да се гради во декември минатата година, а треба да биде комплетно реализиран до крајот на 2023 година.
Изградбата на паркот е под палката на Јавната установа – Национален парк „Пелистер“- Битола, а се гради преку проектот насловен „Авантура преку границата“ со акроним advenTOUR. кој се спроведува во рамките на INTERREG ИПА Програмата за прекугранична соработка на Република Грција – Р.С. Македонија, 2014-2020.
Партнери во проектот се Младинско христијанско здружение – Солун/ИМКА Солун, Грчка национална туристичка организација/GNTO и Национален парк Пелистер – Битола.
Вкупен договорен буџет на проектот изнесува 653.670 евра, а додека вкупниот буџет за НП „Пелистер“ изнесува 203.500 евра. Министерството за локална самоуправа се јавува како ко-финансиер со поддршка од 15 проценти од вкупната сума за изведба на проектот. Во паркот свој придонес има и Општина Битола, која издвои средства во вредност од 2.4 милиони денари за дополнителни содржини.
Паркот е поставен на поширока локација, воглавно над вилата „Седум кладенци“ каде е сместен Инфо – центарот на Националниот парк, на надморска височина од околу 1.400 метри, односно на површина која се протега до под хотелот „Молика“ на Пелистер.
Фирмата „Балкан – нет логистик“ од Битола работи на изградба на паркот, а во тимот се вклучени професионалци со претходно искуство, со лиценци и сертификати за исполнување на стандарди за вакви изведби. Во изведбата на паркот се запазуваат сите стандарди за квалитет на материјалите и безбедноста на содржините. Безбедносните сајли, вградените елементи, се од висококвалитетни нерѓосувачки материјали.
На терен се привршуваат градежните активности што подразбира две зип линии – една за помладите посетители и втората за повозрасните, како и изградба на две патеки за искачување по карпи, авантуристичка атракција
позната како Виа-ферата. Патеките за искачување по карпи се со вертикални и хоризонтални линии.
Композициите се веќе завршени во својата изведба и се очекува да претставуваат вистински предизвик не само за рекреативците, туку и за професионалните качувачи по карпи.
Во склоп на паркот ќе се градат и мали придружни објекти, како и ревитализација и соодветно уредување на патека по Камењар, уредување и ревитализација на пешачка патека – детска едукативна патека, уредување и ревитализација на велосипедска патека од село Магарево – Голема Ливада – Цапарска Пресека – Инфо-центар.
Во целост, со отворањето на Авантуристичкиот парк, ќе се создадат можности за нови туристички понуди на Пелистер, во исто време нови можности и придобивки за ЈУНП „Пелистер“ Битола и за локалната заедница.
Проектот Авантуристички парк, се смета за еден од поголемите инвестициски проекти во Национален парк „Пелистер“ -Битола од неговото основање од 1948 година.