Осомничениот ученик Коста К. (13), кој во средата, на 3-ти мај во Основното училиште „Владислав Рибникар“ уби девет лица, пред еден месец сакал да го изврши масакрот, изјави началникот на белградската полиција Веселин Милиќ.
Потсетуваме, осомничениот ученик уби осум соученици и училишниот чувар Драган.
„Детето во полиција кажа дека пред некое време планирал да направи нешто слично на училишното игралиште, но дека тогаш се откажал од таа идеја“, рекол шефот на белградската полиција.
Како што пишува „Mondo.rs“, извор запознаен со истрагата на масакрот во Основното училиште „Владислав Рибникар“ тврди дека детето се откажало од првобитната идеја бидејќи не промислило се детално. Исто така, наводно сметало дека тоа би можело да биде „пропуштена можност“.
„Одделението 7/2 минатиот месец беше на екскурзија и впечатоците беа прекрасни. Сите се забавуваа, се дружеа, играа, а со нив и Коста. Има и фотографии од екскурзијата со него. Со некои деца се дружел повеќе, со некои помалку, но сите завршиле на неговата листа за убивање. Со некои деца кои ги убил ја делел училишната клупа, ужина … Страшно“, рекол изворот.
Изворот додава дека осомничениот ученик во период од еден месец, додека го подготвувал масакрот, се однесувал нормално и се дружел со луѓето кои биле на неговата листа за ликвидација. Одел на прослави, родендени и екскурзијата која била во април. Што се однесува до излетот, осомничениот ученик седел сам, а на враќање седеле сите заедно, пишува „Mondo.rs“.