Екатерина Мурашова, детски психолог од Санкт Петербург, во 2013 година спровела интересен експеримент.
Таа замолила 68 тинејџери на возраст од 12 до 18 години да се откажат од сите свои електронски уреди, односно да ги исклучат мобилните телефони, компјутерите, телевизорите, таблетите, конзолите за игри и притоа да не комуницираат со никого.
Она што им било дозволено во тие 8 часа е да пишуваат, цртаат, читаат, пеат, шетаат и да се занимаваат со слични активности.
Авторката на експериментот сакала да ја докаже работната хипотеза дека современите тинејџери не се во состојба да се анимираат себеси и дека се потполно несвесни за својот внатрешен свет.
Според правилата на експериментот, децата утредента имале задача да раскажат како го доживеале овој тест. Мурашова ги советувала сите учесници во случај на преголема анксиозност, непријатност или напнатост да го прекинат експериментот и да го забележат времето како и причината за прекинот.
Резултатите биле во најмала рака шокантни, уште повеќе доколку земете предвид дека експериментот бил спроведен пред 10 години, кога технологијата сепак беше далеку помалку застапена отколку денес.
Од 68 учесници, само тројца го завршиле експериментот – едно девојче и две момчиња. Тинејџерката во текот на 8-те часа ги запишувала своите чувства во дневник. Едно од момчињата поминало 8 часа составувајќи макета од едрилица, со пауза за ручек и прошетка на кучето. Второто дете ги сортирало и систематизирало своите колекции, а потоа се занимавало со пресадување цвеќиња. Ниту едното, ниту другото момче немале никакви негативни емоции во текот на експериментот и не забележале појава на „чудни“ мисли.
Тројца учесници во експериментот пријавиле дека имале „самоубиствени мисли“, а петмина доживеале паничен напад. Кај 27 тинејџери биле забележани симптоми како мачнина, потење, вртоглавица, топлотни бранови, болки во стомакот… Речиси секој од нив пријавил чувство на страв и анксиозност.
Интересот и возбудата во пресрет на новата ситуација и соочувањето со самите себеси опаднале кај речиси сите учесници до почетокот на вториот и третиот час. Само 10 тинејџери кои го прекинале експериментот почувствувале анксиозност по 3 или повеќе часа самотија.
Што направиле по експериментот?
Речиси сите деца во некој момент се обиделе да заспијат, но никој не успеал да ги искорени „глупавите мисли кои опсесивно им се вртеле во глава“.
По прекинот на експериментот, 14 тинејџери веднаш се вклучиле на социјалните мрежи, 20 ги контактирале своите пријатели, 3 своите родители, а 5-мина заминале на гости кај своите другари. Останатите ги вклучиле телевизорите или започнале да играат видеоигри.
Сите стравови и симптоми исчезнале веднаш по завршувањето на експериментот, а интересно е што 63 тинејџери го препознале истиот како „корисен и интересен за самоспознавање“. Шест учесници сами го повториле експериментот и тврдат дека успеале да го завршат по повеќе обиди.
Кога тинејџерите го анализирале она што им се случувало во текот на експериментот, 51 лице користело фрази како „зависност“, „доза“, „повлекување“, „се утврди дека не можам да живеам без…“ итн. Сите без исклучок рекле дека биле страшно изненадени од мислите кои им паѓале напамет во текот на експериментот, но не биле во состојба да се занимаваат со нив поради влошувањето на нивната општа состојба.