„По речиси 100 дена и 12 последователни викенди во текот на кои персоналот од Клиниката за кардиохирургија во Ниш работеше без парична надомест, листата на чекање за кардиоваскуларни операции во оваа клиника повеќе не постои“, објаснил директорот на клиниката, д-р Драган Милиќ.
Тој вели дека во оваа установа сега постојат само листи на закажување.
„Листата на чекање од денеска не постои на нашата клиника и ниту еден пациент кој ќе ја помине анестезиолошката амбуланта нема да чека за операција подолго од 5 до 15 дена. Од утре клиниката се враќа во редовниот режим на работа“, напишал директорот на Фејсбук.
„Листата на чекање со 149 пациенти на почетокот на оваа година премина во листа на закажување на која сега се наоѓаат 42 пациенти! Операциите кои минатата година се чекаа 3-4, а некогаш и 6 месеци повеќе нема да се чекаат“, вели д-р Милиќ.
Тој наведува дека во 100 дена биле изведени вкупно 248 операции, додека минатата година во исто време биле извршени 117.
„Само во март годинава се направени неверојатни 98 операции! Бројот на хоспитализирани пациенти во првите 3 месеци од минатата година беше 145, а годинава дури 353! Бројот на амбулантски прегледи во периодот јануари-март оваа година беше 3.014, а минатата година изнесуваше 1.467“, пишува директорот.
„Горд сум на целиот персонал на клиниката, кој истрајно и пожртвувано го издржа ова екстремно силно темпо на работа и го исполни ветувањето дека ќе ги елиминираат листите на чекање. Бидејќи работата за викенд беше неплатена, тие докажаа дека постојат поважни работи од парите – тоа е грижа за пациентите. Грижа за оние луѓе со кои живееме, а кои можеби ќе ги сретнеме во градот, а не сме ни свесни дека им е потребна помош“, заклучил д-р Милиќ.