Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека меморандумот потпишан денеска сo Македонија во делот на инфраструктурата ќе се однесува на воспоставување интероперабилен електронски систем за наплата, така што преку електронска наплата граѓаните наскоро ќе можат да патуваат по автопатите во Србија и Македонија, без дополнително застанување со купување на електричен систем за наплата во едната или другата земја.
– Сега ги продолжуваме понатамошните дискусии за усогласување на ова интероперабилно електронско плаќање, имаме 30 дена за усогласување, а дополнителни 60 дена за тестирање на овој систем и очекувањата и планот се дека овој систем ќе го ставиме во функција во текот на летната сезона, рече Брнабиќ на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.
Таа рече дека ова е прва фаза и дека заедничката работа ќе продолжи и дека се надева дека овој систем ќе се прошири во Албанија, во рамките на иницијативата Отворен Балкан, но и во Хрватска и Грција со цел, како што рече, во најголема можна мера да се олесни патувањето, но и Србија да ја направи уште поатрактивна за транспорт на стоки, што, посочи таа, директно придонесува за економскиот раст и растот на БДП на Србија.
– Што се однесува до економската соработка и економските односи, соработката во областа на енергетиката е многу важна, овој договор што го потпишавме се однесува пред се на гасниот интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија, но денеска на средбата генерално разговаравме за поширока интензивна соработка. во областа на енергетиката што би обезбедила регионална безбедност и енергетска стабилност, кажа српската премиерка.