Еди Виљалобос се појави пред судот во Хилсборо, предградие на Портланд, на 27 февруари, каде што требаше да се избере порота за неговото судење.
Инаку, Виљалобос е обвинет дека пред две години избодел двајца мажи со нож и убил еден од нив.
Како што налага државниот закон, обвинетиот бил врзан со лисици во текот на постапката, кои биле отстранети во судницата. На снимката од надзорната камера се гледа како 28-годишен маж, облечен во сина кошула и црни панталони, прво вади стол за да седне, а потоа бега.
На вратата од судницата немало никој, па Виљалобос истрча низ ходникот и го напушти судот преку излезот за вработените, каде што ја тресна вратата во лицето на двајцата судски службеници кои го бркаа.
Бидејќи обвинетиот бил пребрз од нив, повикале засилување и почнала голема потрага. Сѐ завршило по околу два часа, кога полицијата добила повик од загрижен жител кој слушнал дека некој провалува во соседниот стан. Тој бил бегалец од судот кој се сокрил во плакар и се покривал со ќебиња. Таму полицијата на крајот му влегла во трага и го уапсила.
Виљалобос сега има уште две кривични дела во неговото криминално досие: бегство од притвор и кражба. Изборот на поротата е одложен, а судењето ќе продолжи во септември.
Од локалната канцеларија на шерифот соопштија дека двајцата судски службеници кои го чувале обвинетиот остануваат на должност. Тие внимателно ќе го проучат бегството и ќе ја искористат лекцијата во дообука на своите членови за да не се повторат слични инциденти.