Белгијката која ги уби своите пет деца е еутаназирана на нејзино барање, 16 години по убиствата. Женевиев Лермит ги убила синот и четирите ќерки, на возраст од три до 14 години, во градот Нивел на 28 февруари 2007 година, додека нивниот татко бил отсутен, пишува „Би-Би-Си“.
Таа потоа се обидела да си го одземе животот, но не успеала, па на крајот повикала итна помош. 56-годишната била осудена на доживотен затвор во 2008 година, пред да биде преместена во психијатриска болница во 2019 година.
Во Белгија законот им дозволува на луѓето да изберат еутаназија доколку се смета дека страдаат од „неподносливо“ психичко, а не само физичко, страдање кое не може да се излечи.
Лицето мора да биде свесно за својата одлука и да може да ја изрази својата желба на образложен и доследен начин.
„Токму оваа специфична процедура ја следеше г-ѓа Лермит, при што беа собрани различни медицински мислења“, рече нејзиниот адвокат.
Психологот Емили Мароа за каналот „РТЛ-ТВИ“ изјави дека Лермит најверојатно избрала да умре на 28 февруари во „симболичен гест во почит кон нејзините деца“.
„Можеби и требаше да го заврши она што го започна, бидејќи во основа сакаше да стави крај на својот живот кога ги уби“, рече психологот.
Петкратните убиства во 2007 година, а потоа и судењето, ја потресоа Белгија.
За време на судењето, адвокатите на Лермит тврдеа дека таа е ментално растроена и не треба да биде испратена во затвор. Но, поротата ја прогласи за виновна за убиство со умисла и ја осуди на доживотен затвор.
Во 2010 година, Лермит поднела граѓанска тужба барајќи до три милиони евра од поранешен психијатар, тврдејќи дека неговата „неактивност“ не успеала да ги спречи убиствата, но таа на крајот ја напуштила правната битка по 10 години.