Со децении, самото спомнување на името на Беате Узе била „срам“ за многу Германци. Самоуверената и зборлеста Германка го изнела целиот свет на сексот од спалната соба на излогот на својата продавница, помагала и разни секс игри.
Беате Узе е родена во 1919 година во тогашна Источна Прусија, област која по Втората светска војна стана дел од Русија. Нејзините родители ја воспитале во отворен и либерален дух. Нејзиниот татко бил фармер и во шталата ѝ покажал како се парат животните.
Нејзината мајка, пак, била една од првите жени што дипломирала медицина во Германија. Таа отворено ѝ зборувала на својата ќерка за женската сексуалност, па дури и ја научила за методите за контрацепција. Беате во куќата на нејзините родители научила дека жените се подеднакво талентирани како и мажите.
Во 1937 година, таа одлучила да стане пилот во Берлин. Потоа во 1939 година се омажила за нејзиниот инструктор по летање Ханс-Јирген Узе, а во 1943 година се родил нивниот син. Една година подоцна, нејзиниот сопруг загинал во авионска несреќа, но таа продолжила да лета. Од 1944 година била во германскиот Вермахт (обединети вооружени сили на Нацистичка Германија во периодот од 1935 до 1946 година) и со чин капетан превезувала авиони до фронтот. Таа до крајот на животот не сакала да зборува за нејзината улога во тоа време, ниту пак се чувствувала виновна.
Сексот не е само машка работа
На крајот на војната, таа успеала да го напушти Берлин со својот син на еден од последните летови. Тоа биле тешки времиња за една самохрана мајка. Во разговор со жени чии сопрузи се враќале од војна, дознала колку овие жени се плашат од бременост во време на тешка криза.
Беате Узе се сетила на методите за контрацепција што ѝ ги препорачала нејзината мајка и запишала еден од нив, календарскиот метод за пресметување на плодните денови познат како методот Кнаус-Огино.
„Тоа не беше безбеден метод, но беше подобар од ништо“, во една прилика изјавила Узе.
„Датотека Х“ е името на брошурата што таа почнала да ја продава по тогаш многу висока цена во 32.000 примероци. Од тоа, таа стекнала капитал за да основа компанија која подоцна станала глобален концерн. Сепак, нејзиниот начин на продажба, кој се засновал на тогаш невообичаеното испраќање на формулари за нарачки до сите адреси до кои можело да се стигне, ѝ ги донел првите тужби.
Најчесто, тужителите сметале дека на нивните адреси пристигнале непристојни материјали кои алудирале на неморално однесување и предбрачен секс.
Независна сексуалност
Некои биле лути, додека други ѝ се восхитувале. Сексот не е само машка работа. Беате Узе се обидувала да ги ослободи жените со тоа што им го признала правото на независна сексуалност. Таа гледала на нејзината идеја од прагматична гледна точка.
„Во тоа време, чувствата не беа земени предвид. Фокусот беше на преживување и справување со детето“, истакнала во една прилика таа.
Брачна хигиена
Потоа, во 1951 година го направила следниот чекор – основала „Дом за испорака Беате Уза“. Таа продавала кондоми и публикации за „брачната хигиена“, како што тогаш се нарекувал брачниот секс. Нејзиниот бизнис модел се состоел од продажба на работи што им се потребни на сите и за кои никој не зборува. Но, тонот бил исто така нов – за производите гарантирала со своето име и директно им се обраќала на клиентите.
Резултатот бил – брз раст на компанијата. По првата деценија од постоењето, компанијата имала вработило 200 луѓе. И тогаш, во Фленсбург во 1962 година, таа го отворила првиот секс-шоп во светот.
„Специјализираната продавница за брачна хигиена“ предизвикала бран коментари. Некои граѓани сметале дека продавницата поттикнува на неприродно задоволување на сексуалните потреби. Дури и Здружението на берзи на германски книжари го одбила барањето на Беате Узе да стане членка и тоа од „морални причини“.
Еден локален тениски клуб, исто така, не сакале да ја примат, што многу ја налутило Беате, па таа изградила свое тениско игралиште.
Новите деловни импулси почнале да се случуваат во седумдесеттите. Тогаш почнале да се менуваат и законите и моралните идеи на луѓето. Во центарот на вниманието повеќе не била „брачната хигиена“ туку желбата и задоволството. Покрај кондоми, лубриканти и списанија, во нејзините продавници веќе одамна се продавале еротски помагала и играчки, долна облека и производи за потенција.
Порнографијата во Германија беше легализирана во 1975 година, па Беате Узе вклучила и видео содржини во својата понуда. За тој деловен потфат станала мета на феминистките кои жестоко ја критикувале зошто Узе продавала филмови во кои жените се деградирани до ниво на сексуални објекти. Критичарите до ден денес потсетуваат дека не ѝ била важна еднаквоста, туку профитот.
Неуспех на семејниот бизнис
Узе добила уште два сина од нејзиниот втор брак со трговецот Ернст-Валтер Ротермунд. Синовите се приклучиле на бизнисот. Меѓутоа, како што бизнисот цветал, нејзините синови започнувале големи расправии. Компанијата била поделена во 1981 година, „Беате Узе“ останала на неа и нејзиниот син Улрих, а „Достава Орион“ тогаш им припаднала на другите два сина.
Стагнацијата не била опција за компанијата, нејзините нови идеи почнувале да стануваат реалност. Во 1996 година, Беате Узе го отворила Музејот на еротиката во Берлин, а во 1999 година, две години пред нејзината смрт, нејзината компанија се појави на берзата.
Акциите прво почнале да растат астрономски, но потоа и континуирано да паѓаат. Компанијата почнала да се бори со намален промет, а некои филијали почнале да се затвораат. Поради преголемата конкуренција која се појавила заедно со појавата на интернетот, почнал да им се заканува банкрот. Инсолвентност за првпат била прогласена пред две години, но основачката на компанијата не ја доживеа.
Велат дека Беате Узе многу страдала поради кавгите меѓу нејзините синови и поделбата на компанијата. И нејзиниот втор сопруг се чини дека не бил за неа. Тој брзо се повлекол од работата и се свртел кон други жени. По 20 години брак, Беате Узе се развела, а потоа си нашла нова љубов, Американец кој бил помлад од неа 25 години.
Признание за нејзината поионерска улога во ослободувањето на сексуалноста
Кон крајот на нејзиниот живот, бизнисот веќе бил нестабилен, но таа почнала да добива општествено признание за нејзината пионерска улога во ослободувањето на сексуалноста. Долго време била одбивана во својот роден град Фленсбург, така што за осумдесеттиот роденден конечно била запишана во златната книга на градот. Сепак, таа не станала почесен граѓанин.
Десет години пред тоа, во 1989 година, таа го добила Федералниот крст за заслуги. Се наметнувала на „машки полиња“ работејќи како пилот и бизнисменка. Несомнено, нејзина заслуга е што некои теми кои биле табу станале дел од јавниот живот. Таа не отстапила пред заканите или тужбите или обидите да ја маргинализираат.
Катрин Ренике, авторката која ја напиша нејзината биографија, за „Дојчландфунк“ изјави дека Беата Узе не била особено заинтересирана за еманципацијата на жените. Според г-ѓа Ренике, таа е ран пример за „инфлуенсерка“, личност која ги продава своите производи преку маркетинг посредување на сопствената личност. Беате Узе почина во 2001 година на осумдесет и една година од пневмонија.