Поларна мечка уби жена и момче во село на Алјаска

by Тони Зографски

Поларна мечка нападна и уби жена и момче во зафрлено село во западна Алјаска. Државната полиција соопшти дека примила пријава за напад во Велс, на западниот дел на полуостровот Севард, вчера околу 14:30 часот по локално време, објави новинската агенција КТУУ.

„Првичните извештаи укажуваат дека поларната мечка влегла во заедницата и бркала неколку жители. Мечката убила жена и малолетник. Животното било застрелано од локален жител при нападот врз жена и момче“, соопшти полицијата, според Скај њуз.

Како што пренесе ДПА, војници и претставници на Одделот за риби и дивеч на Алјаска ќе отпатуваат во областа „доколку дозволат временските услови”.

Имињата на загинатите не се објавени.

останати вести