Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро предложи формирање на нов меѓународен блок во кој ќе бидат вклучени земји од Латинска Америка и Карибите кои ќе имаат блиски врски со Русија и Кина.
За време на неговиот годишен говор во парламентот на Венецуела во петокот, Мадуро рече дека неодамна разговарал со претседателите на Бразил, Колумбија и Аргентина за формирање нова регионална организација.
Според Мадуро, дојде време да се „обединат напорите во Латинска Америка и Карибите за да се напредува во формирањето на моќен блок на политички сили, економска моќ која разговара со светот“.
Венецуелскиот претседател додаде дека овој блок ќе создаде „нови полови на моќ“ и ќе биде сојузник на Русија и Кина, чии лидери Мадуро ги нарече „постари браќа“.
Таков сојуз би бил „онаа заедница на заедничка судбина за која зборува нашиот постар брат, претседателот Кси Џинпинг“ или „оној мултиполарен и мултицентричен свет за кој зборува нашиот постар брат, претседателот Владимир Путин“, додаде Мадуро.
– За да дојде овој свет, потребен е обединет и напреден латиноамерикански и карипски блок, нагласи тој.
За време на поранешниот претседател Доналд Трамп, САД ги прогласија изборите во Венецуела во 2018 година, на кои Мадуро победи за да обезбеди втор мандат на власт, за „нелегитимни“. Вашингтон започна кампања за „максимален притисок“ за да го собори од власт со воведување остри санкции кон Каракас, кои вклучуваа ембарго за нафта.
САД, исто така, му понудија поддршка на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, признавајќи го како „привремен претседател“ на Венецуела во 2019 година. По овој потег, владата на Мадуро ги прекина дипломатските врски со Вашингтон.
Меѓутоа, во следните години, обидите да се отстрани Мадуро од власт, кои вклучија серија улични протести и отворен обид за државен удар, не успеаја. Кон крајот на декември, опозициските пратеници во Венецуела гласаа за распуштање на „привремената влада“ предводена од Гуаидо.
Иако САД сè уште формално не го признаваат Мадуро, стапија во дипломатски контакти со Каракас за да преговараат за размена на затвореници и укинаа некои санкции – пренесе RT.