Пет специјални фрижидери со капацитет да мрзнат до минус 80 степени целзиусови за чување на вакцините против ковид-19 се очекува месецов да пристигнат во земјава. Тие се донација од американска фондација, а од Министерството за здравство велат дека ќе има и дополнителни вакви магацински капацитети преку донации.
Останатата инфраструктура за вакцинацијата е подготвена, операторите веќе имаат т.н. студени соби и возила за ладен синџир на дистрибуција на вакцините. И здравствените работници ќе добијат посебен тренинг за манипулација со самата вакцина, односно за земањето, дозирањето и растворањето.
” Преку СЗО во нашата земја ќе стигнат уште 3 фрижидери на -30 и два фрижидери на -80 степени. Така дополнително ќе се зголеми капацитетот за чување вакцини. За вакцинација на граѓаните ќе се користат постоечките вакцинални пунктови, бидејќи таа инфраструктура е добро поставена и функционира, велат од Министерството за здравство .
Првите дози вакцини преку Ковакс-механизмот се очекува земјава да ги добие кон крајот на јануари или почетoкот на февруари. Потоа, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, преку директна спогодба со компанијата „Фајзер“ и донација од Делегацијата на ЕУ се очекуваат вакцини за вкупно 1,2 милиони граѓани. Тоа, според здравствените власти, е доволно за колективен имунитет.