Претседателот на Австрија, Александер ван дер Бален е „фатен“ во саботата како ги прекршува рестриктивните мерки поради корона вирусот. Тој со сопругата Дорис Шмидингер седел во бавчата на познат виенски ресторан и по пропишаното работно време, односно, по 23 часот.
Претседателот се правда дека тоа било грешка и дека прв пат, откако се затвориле локалите, со сопругата и со пријатели излегол во ресторан на вечера.
„Нешто се размуабетивме и заборавивме на времето. Многу ми е жал, тоа беше грешка“, вели тој.
Чуварите на редот за тоа ги известиле надлежните власти и сега директорот на градскиот Магистрат треба да одлучи дали ќе го казни сопственикот на локалот кој не го испочитувал работното време.
Интересно е што ресторанот “Соле“ каде што “заглавил“ претседателот е во сопственост на Македонец, односно, на Аки Нуредини кој е татко на македонскиот министер за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
Аки изјавил дека укажал на работното време, како што пропишува законот, а со последната рунда пијачка го затворил ресторанот во 23 часот.
Според законот за угостителски објекти и по затворањето, по 23 часот, теоретски гостите може да останат да седат во бавчата, но тоа се смета за приватна забава.
Сега на Аки Нуредини му се заканува казна од 30.000 евра.