Полицијата во Зимбабве ја истражува смртта на 14-годишно девојче за време на породување, случај што наиде на жестока осуда од граѓаните и активистите за човекови права, објави Би-Би-Си.
Мемори Мачаја починала на 15 јули додека се породувала во црква во источниот регион Маранж. Случајот ја открил експлоатацијата на малолетничките, бидејќи девојчето наводно морало да го напушти училиштето и да се омажи.
ОН ја повикуваат владата на Зимбабве бракот со деца да го направи кривично дело и да ја прекине практиката. Отворена е и петиција преку Интернет, со која се бара правда за починатото девојче, а досега ја потпишале 57.000 луѓе.
Новороденчето преживеало и е добро, велат од нејзиното семејство.
Инаку, според законот, на девојчињата во Зимбабве им е дозволено да се венчаат кога ќе наполнат 18 години, а 16 е возраста кога можат да дадат согласност за полов однос.
Но, некои семејства гледаат финансиска корист во детските бракови, а девојчињата често се надеваат дека бракот ќе им овозможи да одат на училиште, но наскоро завршуваат бремени и преоптоварени со домашни работи.