Вили Вебер, човекот кој се грижеше за кариерата на Михаел Шумахер, тврди дека е отфрлен од семејството на легендарниот возач по несреќата и обвини дека семејството лаже за здравствената состојба на Шумахер.
Во 2013 година Шумахер доживеа несреќа при скијање на француските Алпи при што падна и со главата удри во камен. Веднаш по несреќата беше одведен во болница, во критична состојба. Двапати беше опериран, а потоа ставен во индуцирана кома за да се сочуваат мозочните функции. Во 2014 година излезе од индуцирана кома, а неговата портпаролка потврди дека Шумахер слуша и реагира на допир.
Откриено беше дека ќе ја напушти болницата и со закрепнување ќе продолжи во домашни услови, во семејниот дом. Неговата сопруга Корина и останатите членови од семејството не сакаат јавно да коментираат за здравствената состојба на Шумахер па токму затоа се создадоа и многу шпекулации.
Вебер смета дека минаа 9 години и време е да се открие вистината за Шумахер.
„Тогаш повеќе пати се обидов да контактирам со Корина, но не ми одговори, никој не ми се јави да ми каже како е Шумахер. Не очекував такво однесување и поради тоа сè уште сум лут. Ме тргнаа на страна велејќи ми дека е прерано, а сега е предоцна. Минаа 9 години, време е да ја кажат вистината“, вели Вебер.
„Можев да разберам каква е ситуацијата кога се случи тоа, јас и така отсекогаш правев сè за да заштитам приватниот живот на Шумахер. Но, оттогаш од семејството не добиваме нешто друго освен лаги“, смета тој.