Американската фармацевтска компанија „Џонсон и Џонсон“ објави денеска дека втората доза од нејзината вакцина против коронавирус, дадена приближно два месеци по првата доза во САД, ја зголемува ефикасноста на вакцината на 94 проценти.
Само една доза вакцина „Џонсон и Џонсон“ обезбедува 70 проценти заштита, пренесува Ројтерс.
– Компанијата сега собра докази дека дополнителна „бустер“ доза ја зголемува заштитата од Ковид -19 – рече Пол Стофелс, главен научен директор во „Џонсон и Џонсон“, пренесува Танјуг.
Втората доза на вакцина, дадена два месеци по првата доза, го зголемува нивото на антитела четири до шест пати.
Кога се даваат шест месеци по првата доза, според податоците објавени минатиот месец, нивоата на антитела се удвојуваат.
Најновите податоци, според Ројтерс, ќе и помогнат на компанијата да поднесе барање до американските регулатори за дозвола за дистрибуција на бустер дозата, и покрај фактот што „Џонсон и Џонсон“ често ја нагласува издржливоста на нејзината единечна доза на вакцина.
Американскиот претседател Џо Бајден се залага за бустер доза поради зголемениот број на хоспитализации предизвикани од делта варијантата, а „Џонсон и Џонсон“ е единствената фармацевтска компанија со единечна вакцина против коронавирусот, која е одобрена во Соединетите држави.