Ќе стане ли Џејмс Нортон новиот Џејмс Бонд? Шпекулациите се сè погласни откако семејството Броколи, кое ја води познатата филмска франшиза повеќе од 60 години, го предаде управувањето на компанијата Амазон МГМ Студиос. Оваа голема промена предизвика дискусии меѓу обожавателите за тоа кој би можел да го наследи Даниел Крег во улогата на тајниот агент 007.
Џејмс Нортон, кој во последните години стекна голема популарност благодарение на улогите во сериите како „Гранчестер“ и „Среќна долина“, беше еден од главните кандидати, иако и самиот се обиде да ги спречи гласините.
На неодамнешното доделување на наградите БАФТА, во разговор со водителот Алекс Зејн, Нортон на шега рече: „Јас сум фаворит? Кој се обложува на тоа нека си најде нова работа“.
Иако неговите коментари се јасно демантирање на гласините, многу фанови веруваат дека Нортон би можел да биде избран за Бонд. Имено, во третата епизода од серијата „Играјќи убаво“, во која се појавува Нортон, неговиот лик е единствениот маж на гала вечерата кој не носи смокинг, што некои го протолкуваа како можен знак дека тој веќе потпишал договор за улогата.
Покрај Нортон, се споменува и Арон Тејлор-Џонсон, додека веќе извесно време се шпекулациите за Идрис Елба. Иако никој официјално не потврди какви било разговори во врска со новиот Бонд, Нортон и Тејлор-Џонсон во моментов се водечки кандидати.
Инаку, улогата на Џејмс Бонд ја играа само шест актери. Шон Конери ја постави основата за ликот во седум филмови, додека Роџер Мур го играше Бонд во седум филмови од 1973 до 1985 година. Џорџ Лазенби имаше краток мандат, а Тимоти Далтон донесе посериозен пристап во два филма.
Пирс Броснан го модернизираше Бонд преку четири филмови, додека Даниел Крег донесе емотивно покомплексен лик преку пет филмови. Со оглед на тоа, секоја нова интерпретација на Бонд носи различни предизвици и барања, а кој ќе го наследи Крег и ќе стане новиот Џејмс Бонд останува големо прашање.