Џенифер Лопез дефинитивно е најголемата ѕвезда на Неделата на висока мода во Париз! Не само што привлекува најголемо внимание, туку латино дивата пристигнува на секоја модна ревија во гала стил.
Откако се појави на ревијата на „Schiaparelli“ во необично издание со очила за сонце од златна жица и јакна составена од вистински латици од бели рози, сега на дело ја покажа високата мода во прекрасна креација од модната куќа „Elie Saab“.
Џеј Ло била во првиот ред на ревијата на либанскиот дизајнер Ели Саб, волшебникот на раскошните, свечени тоалети, а пред самиот почеток на овој спектакл и самата направила своевидно модно шоу.
Убавата 54-годишна ѕвезда го одземала здивот во прекрасен фустан во боја на жалфија изработен од нежна, лелеава ткаенина, кој го краси многу длабоко деколте, но и златен ремен околу половината со светкави циркони. Џенифер не носела градник, а длабокиот изрез ги истакнал нејзините гради, но благодарение на самиот дизајн на фустанот и придружните детали, не станувало збор за вулгарен ефект.
Фустанот доаѓа со драматична, помпезна наметка украсена со тридимензионални цветови во комбинација на розова, виолетова и зелена боја, а во оваа креација Џенифер на моменти потсетувала на олицетворение на божица на пролетта. Навистина необично, романтично и ефектно издание кое никого не остава рамнодушен.
Целата комбинација била придружена со соодветна шминка и фризура; Џенифер била нашминкана во зелени тонови на очите, додека на усните имала кармин во боја на праска. Таа се одлучила за романтична, свечена фризура, префрлајќи ја нежно навитканата коса на една страна, на која додала и кадифена зелена панделка.