Професорот по теоретска механика, Дејан Трајковски објави нова анализа на својот Фејсбук профил во која смета дека рестриктивните мерки се презадоцнети.
“Рестриктивните мерки, откако практично стигнавме на врвот на заразувањето и откако умреа толку многу луѓе, се типичен пример на презадоцнета, „по свадба тапани“ реакција. Всушност, со ова се признава крахот на здравствениот ковид-систем, односно неможноста за справување со сегашниот број на болни. Инаку, да имаа барем малку шанси да истуркаат уште малку понатаму, сигурно немаше да се одлучат на ваков чекор. Доволно е да се потсетиме на изјавата на ЖК дека затворање нема да има се до конечниот распад на здравствениот систем. Е па, еве го, дошол и тој час.
Додуша, врвот на активните случаи и на активно хоспитализираните се уште не е достигнат, но за 7-10 дена ќе го видиме и него, а што е најважно, пикот на бројот на активни случаи нема да биде многу повисок од сегашните вредности, поради заоблувањето на кривата коешто наскоро ќе го видиме. Но, очигледно дошол ножот до коска, па не може ни тој момент да се дочека.
Се покажува она што цело време го зборуваме, дека сметката на незнаењето и доцнењето мора да биде платена (кафеаните мораа да бидат затворени), но грешката во тајмингот има превисока цена во човечки животи. Доколку ги затвореа кафеаните пред 2 месеци, бројките немаше да искачат толку брзо и толку високо, а бројот на починати ќе беше далеку помал од сегашниот. Вака ем кафеаните се затворени, ем фајде веќе нема – луѓето умреа непотребно.
Тоа е данокот на незнаењето и непрофесионалноста. Уште еден доказ дека тоа што некој се нашол по некоја случајност на власт не значи и дека е најспособен или дека секогаш е во право. Но, во овој случај грешките се платени со 4.000 официјално и барем 4000 неофицијално починати, коишто ќе ги видиме во јулскиот извештај на ДЗС.
Паметните луѓе однапред пресметуваат и планираат, а оние другите отпосле се туфкаат и велат дека не знаеле што ќе биде.
„Ние сметаме дека нема потреба од понатамошни рестриктивни мерки, сегашните ќе дадат резултати. Располагаме со доволно болнички капацитети…“
Е па каде им се резултатите и капацитетите? Кој ќе одговара за оваа неодговорна авантура во која ги втурнаа граѓаните и од која многумина не извлекоа жива глава?
Новинарите би требало сериозно да проанализираат (од Антикорупциска комисија секако нема корист) дали луѓе од извршната власт (или нивните семејства) имаат кафеански или обложувачки бизниси, затоа што е очигледно дека ваквото упорно заштитување на тие погубни дејности ги надминува границите на обично помагање и се повеќе наликува на најсебично штитење на личните интереси.
Инаку ако утре, во среда, има помалку од 1.400 новодијагностицирани, тоа би било потврда дека врвот на заразувањето е веќе достигнат“, напиша вчера на Фејсбук Дејан Трајковски.